Од Јавното обвинителство соопштија дека во текот на денот очекуваат кривични пријави од страна на МВР за нападот врз вработени во М-НАВ, за да можат да постапат по нив во расчистување на настанот во кој вчера беа нападнати вработени во Контрола на летање.
„Во моментот се преземаат дејствија за расчистување на настанот. Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, а за натамошната постапка соодветно ќе ја информира јавноста“- соопштија од Јавното обвинителство.
МВР синоќа објави дека се приведени четири лица вмешани во нападот, а дека се трага по уште четири.
Досега неофицијално, се знае дека еден од насилниците е поранешниот министер за економија од ДУИ и актуелен претседател на огранокот на партијата во Чаир, Беким Незири, кој ги пуштил другите да влезат во кулата со службената картичка која ја поседува како советник на еден од директорите на М-НАВ.
Од МВР доцна синоќа информираа дека со четири инволвирани лица во нападот врз вработени во М-НАВ се вршат службени разговори и оти во координација со Основното јавно обвинителство ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Се преземаат мерки, како што информираа, за пронаоѓање на уште четири лица, а во наредниот период МВР континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ.
Нападот во М-НАВ се случи по вчерашната прес-конференција на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, на која тој информираше дека 20 до 30 контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација ( М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.
Владата синоќа најави дека на следната седница закажана за во вторник, 9 јануари, ќе донесе одлуки поврзани со состојбата во М-НАВ, меѓу кои разрешување на целото раководство и ревизија за досегашното работење.
Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) ноќеска на вонреден состанок донесе повеќе одлуки и барања и најави штрајк со затворање на воздушниот простор од 10 јануари доколку во меѓувреме тројцата извршни директори на М-НАВ не си поднесат оставки или Владата не ги разреши.