Вкупно 84 патници евакуирани од Израел пристигнаа денеска со бесплатен авионски превоз на Меѓународниот аеродром во Скопје, со авион изнајмен од македонската влада од авиокомпанијата „Ер Србија“.
„Со денешниот чартер лет од Тел Авив, кој беше организиран и платен од страна на Владата на Република Северна Македонија, ги донесовме и преостанатите 67 наши државјани кои побараа асистенција за нивна евакуација од Израел“, објави на фејсбук министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
На истиот лет, пишува тој, „излеговме во пресрет и на нашите пријатели, обезбедувајќи трансфер и на седум албански, седум црногорски и три бугарски државјани“.
Според изјавите на дел од патниците, тие, стравувајќи за својот живот, по престој во различни места во Израел, решиле да се вратат дома.
– Седевме седум месеци, како туристи. Супер ни беше, многу убави спомени имам, но, ете, се случи ова, многу лошо. Ние бевме во Ашдод. Таму останаа неколку Македонци – изјави за МИА Марица Јаневска од Куманово, патник во авионот.
Патникот Саше Јовановски е благодарен што пристигнал дома на време.
– Верувајте дека не е лесно. Сепак јас бев во тој дел каде што немаше многу конфликти, рече тој, дополнувајќи дека очекува и другите македонски државјани да се вратат.
Во авионот денеска имаше патници и од Србија и од Црна Гора. И за нив, враќањето дома е спас од тамошната ситуација.
– Стана опасно на улица, не можеше да се издржи – рече еден од патниците.
Според друг патник, најлошото допрва доаѓа.
– Живеев таму девет месеци, беше сигурно во крајот во кој што живеев, но мислам дека најлошото допрва доаѓа. Не бев исплашен за враќањето, сакав да останам, но штом падна првата бомба на местото каде што живеев, одлучив да се вратам – рече тој.