Од 19 септември, кога е донесена првата владина Одлука за намалување на цените, направени се над 550 надзори, издадени се преку 32 платни налога и изречени се казни во висина од 6,320 милиони денари. Казните се за непочитување на Одлуката, но и за примена на нечесни трговски практики, а се постапува согласно Законот за заштита на потрошувачите, соопшти денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски и информира дека се затворени 10 маркети: во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и Струга.
Како што истакна Трајковски на прес-конференција, меѓу овие десет маркети нема ниту еден од оние пет што беа првично затворени.
Директорот на ДПИ повтори дека до намалените цени на производите треба да стои ознаката „гарантирана цена“, а до оние, дополнителните, што се самоиницијативно поевтинети од маркетите, треба да има соодветната ознака која тоа јасно го покажува.
– Не е фер, кој било од граѓаните да се појави во некој маркет и да види, на пример, дека цената на јогурот е 109 денари пред донесување на одлуките, но дека е иста и потоа, по донесувањето на одлуките, а има ознака „гарантирана цена“. Со тоа се доведува во заблуда потрошувачот и како што реков, компромис нема да правам за никого – нагласи директорот на ДПИ.
Во однос на нерегистрираните трговци, напомена дека ако по 15 октомври се забележи трговец кој врши дејност нерегистриран, ќе има казни и ќе се одзема стоката.
На новинарско прашање околу недостигот на некои производи во маркетите, како јајцата, а претходно и месото, како што пријавуваа потрошувачи, Трајковски рече дека трговците треба да кажат ако имаат проблем со снабдувачите за Инспекторатот да реагира.
– Снабдувачите, односно оние што вршат трговија големо, ќе бидат посетени и ќе се види дали должноста од 70 проценти ја исполнуваат. Некаде можеби се потрошиле залихите, па трговецот немал испланирано нова нарачка, но мислам дека тој проблем е решен, ако го имало некаде и во моментов секаде се доставени јајца по маркетитие и овој производ го има – нагласи Трајковски.
Тој потсети дека телефонскиот број 02/191 за пријавување нерегуларности функционира 24 часа, секој ден во неделата.