Тендерот за кој обвинува ДУИ е спроведен во време кога РЕК Осломеј го раководеа нивни кадри, реагира ЕСМ на денешните обвинувања од опозициската партија дека на тендер ангажирале бравари и заварувачи, чии услуги ги платиле 380.000 евра и покрај тоа што во комбинатот има над 1.000 вработени.
Според Електрани на Македонија обвинувањата од Мала Речица се паушални и иронични, а ангажирањето на бравари и заварувачи со децении се спроведува на истиот начин, затоа што термоелектраната не располага со таков кадар.
„Во услови кога новото раководство на АД ЕСМ се бори да ја надмине досега најголемата криза од своето постоење, која е затекната и директно создадена од доскорешните раководства на ДУИ и на СДСМ, опозицијата излегува со обвинувања кои немаат допирна точка со реалноста. Компанијата во целост ги отфрла наводите за „криминал“ , изнесени на денешната прес-конференција на ДУИ“, се вели во реакцијата на ЕСМ.
Оттаму појаснуваат дека се работи за јавен повик за ангажирање на браварско-заварувачки услуги по потреба, кој е предвиден од претходното раководство на РЕК Осломеј во Годишниот план за јавни набавки за 2024 година.
„Станува збор за ангажирање на работна сила за извршување специфични зафати и за одржување на техничко-технолошкиот процес во термоелектраната. За да биде иронијата поголема, оваа јавна набавка е објавена и реализирана во време кога со комбинатот раководеа Стојан Мицкоски и Неџбедин Нуредини, кадри на СДСМ и на ДУИ. Јавниот повик е објавен на 3 јуни годинава преку Електронскиот систем за јавни набавки, додека јавното отворање на понудите е спроведено на 10 јуни. Евалуацијата на пристигнатите понуди и изборот на најповолна понуда е извршен на 19 јули годинава.Целата постапка заедно со изборот на најповолна понуда се во период кога во АД ЕСМ и во РЕК Осломеј раководеле кадрите на ДУИ и на СДСМ“, соопшти ЕСМ.
ЕСМ додава дека ги информирале соодветните државни институции за индициите за постапките на одредени лица од претходните раководства, со цел да се испитаат и врз основа на тоа да се побара одговорност од оние кои ги прекршиле законите.
„Најмалку што ДУИ треба да коментира е енергетиката. Апелираме опозицијата да се воздржи од паушални обвинувања кон АД ЕСМ поради добивање ситни политички поени. Компанијата во моментов поминува низ постапка на консолидација, која е врвен приоритет кон одржување на стабилен и доверлив електро-енергетски систем“, соопштија од Електрани на Македонија.
ДУИ денеска обвини дека Фатмир Лимани од Вреди преку управителот на РЕК Осломеј реализирал три тендери за браварско-заварувачки услуги склучил договори со две фирми во вредност од 380.000 евра.
„Тоа значи дека скоро 30 евра за еден час работа за браварски услуги или поинаку кажано за да се смени брава. Имено, ЕСМ со овој скандалозен договор ќе треба да плати 1.780 денари за час работа за горенаведените услуги. Овој договор, освен корумпиран не може да биде поинаков, затоа ги повикуваме надлежните органи да постапуваат за вакви криминални договори кои се реализираат од страна на неспособните управители“, обвини ДУИ.