Јавното обвинителство, следејќи ги забелешките кои Апелациониот суд во Скопје ги истакна во пресудата со која ја укина првостепената одлука, денеска (среда, 15 февруари) го почна повторениот процес „Трезор“, со барање до судот да издаде наредба за вештачење, со кое би се утврдила материјалната штета во предметот.
Ваквото барање на обвинителството и практично значи признание дека е направен преседан во правото и дека бил спроведен кривичен прогон без соодветно да се утврди дали воопшто постои материјална штета. Наместо повлекување на обвинението, обвинителството сега очекува судот да го покрие неговиот пораз и направените пропусти во првостепената постапка.
Кога судот ќе се јави во улога на вештак…
Како што веќе пишувавме, во пресудата со кое ја укина првостепената осудителна пресуда и предметот го врати на повторно судење во прв степен, Апелација му даде задача на првостепениот суд, при повторното постапување, „да ги отстрани констатираните суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 од ЗКП, повторно да ги цени изведените докази поединечно и во склоп на една целина, евентуално на предлог на странките да изведе и други докази, а ценејќи ги и жалбените наводи, па врз основа на изведениот доказен материјал правилно да ги утврди сите решителни факти во предметот како предуслов за утврдување правилна фактичка состојба, врз основа на која, правилно ќе го примени материјалното право и ќе донесе правилна и законита одлука“.
Во напатствијата дадени во пресудата на Апелациониот суд Скопје, изречена на 31.05.2022 година, паднаа буквално сите елементи на обвинението и на првостепената пресудата, за кои одбраната на обвинетите, при второстепеното судење, докажа дека се конструкции непоткрепени со докази.
Апелација потврди дека првостепениот суд без докази го прифатил тврдењето во обвинението дека Сашо Мијалков и обвинетите во периодот од 07.07.2010 до 09.07.2010 година, во Лондон оствариле средба со претставниците на компанијата Гама и договориле набавката на електронска и комуникациска опрема и обука за користење на опрема за потребите на МВР. Ова се демантира во официјалните одговори на британскиот Хоум офис.
За Апелација е нејасно како и од кои докази првостепениот суд утврдил дека набавката на опремата би била најекономична доколку би одела директно преку правното лице Гама, а не преку фирма посредник. Дотолку повеќе што вообичаен начин на деловно работење помеѓу правните субјекти при набавување на стоки и услуги е набавката да биде реализирана преку фирми посредници, кој патем се подразбира тоа го вршат заради остварување на некаква добивка, односно профит.
Конечно, Апелација е фрапирана од фактот дека првостепениот суд прифатил дека во конкретниот случај, со преземените дејствија на обвинетите, била нанесена имотна штета на средствата на буџетот во износ од 26.568.276,00 денари. Не е јасно како првостепениот суд ја утврдил висината на штетата, со оглед на тоа што доказ во смисла на техничко или финансиско вештачење не е изведен. Судот само си навел дека јавниот обвинител не сочинил и не доставил финансиско вештачење направено од експерт по економски науки за пресметаната штета, правдајќи се дека вештачењето се определувало заради утврдување на факти кои органот кој ја води постапката поради недостаток на стручно знаење не може сам да го утврди.
Наместо вештачење, констатирано дека во конкретниот случај се работело за утврдување на факти кои органот кој ја води постапката можел сам да го утврди, па судот се ставил во улога на вештак и дал образложение дека во конкретниот случај се работело за „едноставна математичка операција – одземање на два износи, за која не била потребна некоја посебна стручност, односно се работи за едноставна математичка операција која може да ја утврди секој просечно образован човек, без посебно стручно знаење или вештина“.
Освен тоа, Апелација констатира дека судот не одземал само два износи, туку се впуштил во анализа на обемна финансиска и сметководствена документација, а од друга страна не го прифатил Техничкиот наод и мислење од областа на информатичките технологии со технички и економски дел сочинет од две вешти лица.
ЗКП не дозволува вештачење да се нарача кого како ќе му текне
Со очекуваше второстепеното судење да почне со обид на Јавното обвинителство да се отстрани оваа фатална слабост и во обвинението и во првостепената пресуда и да се „нарача“ вештачење. Но, Законот за кривична постапка (ЗКП) вели дека во оваа фаза на постапката тоа нема да биде едноставно.
На барањето на Јавното обвинителство за вештачење реагираше одбраната на обвинетите, која се повика на ЗКП и предупреди дека обвинителите влегуваат од еден во друг правен преседан. Одбраната го цитираше Законот, кој експлицитно ги утврдува околностите во кои што судот може да издаде наредба за вештачење, а тие не соодветствуваат со моменталната состојба.
Имено, членот 243 предвидува „отстранување на недостатоци на вештачењето“ само „ако наодот или мислењето се нејасни, нецелосни или се во противречност сами со себе по наредба на органот што ја води постапката, вештачењето може да се врати на истите вештаци заради отстранување на утврдените недостатоци“.
Одбраната се повика и на членот 394 кој дава можност за дополнение на доказната постапка, но и тој утврдува во кој случај судот може да нареди вештачење. Во вториот став стои: „Заради отстранување на противречностите во наодите и мислењата на вешти или стручни лица, судот по предлог на странките или по службена должност може да определи супер вештачење. Супер вештачењето судот го определува по електронски пат со примена на правилото на случаен избор од регистарот на вештаци, во присуство на двете странки, односно на тужителот и бранителот“.
Одбраната нагласи дека ниту еден од овие предуслови не е исполнет, бидејќи обвинителството не се потрудило да изготви никакво вештачење и насилно и без правни аргументи го туркало предметот. Адвокатите посочија дека судот не треба да си дозволи себеси да се претвори во институција која би презела надлежности на ЈО и побараа, согласно со законот, барањето да биде одбиено.
Обвинителството и обвинетите останаа на своите позиции
Како и да е, судот ги сослуша позициите на двете страни и најави за ова спорно прашање ќе се произнесе на некое од следните рочишта.
Денеска на повторениот процес, Јавното обвинителство остана на воведните зборови искажани уште при отворањето на постапката. која не го помина тестот на Апелација. И обвинетите останаа на позициите дека предметот е конструиран и дека не постои никакво дело за кое што тие би чувствувале вина.
Останува да се види како ќе тече процесот на наредните рочишта и дали првостепениот суд сега, во повторената постапка, ќе се држи до словото и до духот на законот или пак ќе калкулира и ќе подлегнува на политички притисоци.