Обвинителството поведе постапка против 23-годишник, вработен во Армијата на Северна Македонија кој го обезбедувал затворот „Идризово“, под сомнеж дека ја злоупотребил службената положба бидејќи за затворениците обезбедил 10 мобилни телефони, информираа истражните органи. За вработениот во Армијата обвинителството бара да му се определи мерка притвор.
Настанот, според МВР, се случил вчера, кога полициски службеник за обезбедување на Казнено – поправната установа Затвор „Идризово“ забележал дека Е.С., вработен во Армијата, кој исто така вршел обезбедување на затворот, од една од кулите фрлил кеса со 10 мобилни телефони во дворот од затворот, која била подигната од еден од затворениците.
Согласно куќниот ред, во затворот се забранети мобилни телефони и комуникација без надзор на затворска полиција.
„Откако претходно скрил десет мобилни телефони во тактичкиот елек од униформата која ја носел, тој го напуштил стражарното место и знаејќи дека осудениците биле пуштени на дневна прошетка и го чекаат, застанал до ѕидот од кабината и последователно преку две заштитни огради им ги фрлал мобилните телефони, со цел да им овозможи комуникација без надзор“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Во тоа време, околу пладне, била прогласена кризна состојба на подрачје на затворот, а Е.С. бил ангажиран како надворешно – статично обезбедување од стражарна кула на оградниот ѕид на затворскиот објект.
Од обвинителството велат дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор.