Пред да стане папа, првиот папа, кој е роден во САД, не се воздржуваше од критики кон претседателот Доналд Трамп и кон потпретседателот Џ.Д. Венс – коментари на социјалните мрежи кои вчера го вовлекоа во вртлогот на поделената американска политика, токму во моментот кога ја презеде улогата на поглавар на глобалната Католичка црква, објави Ројтерс.
Папата Лав 14, кој беше избран од кардиналите да го наследи покојниот папа Франциск, има неколку објави со критички тон за политиките на републиканските лидери на профилот на социјалната мрежа Икс на Роберт Прево, неговото световно име пред да стане папа.
Тие објави веднаш беа мета на остри критики од најтврдокорните приврзаници на Трамп, меѓу кои и активистката Лора Лумер, иако самиот Трамп изрази гордост што Американец е поставен на чело на Ватикан.
– Да имаме папа од САД – тоа е голема чест – изјави Трамп во Белата куќа.
На прашањето дали ќе се сретне со Лав, тој одговори: „Веќе се јавија“.
Белата куќа не коментираше за критиките, поврзани со профилот на Прево. Но, персоналот таму аплаудираше на изборот на првиот американски папа кога веста беше објавена на телевизија.
Новиот папа ги критикувал Трамп и Венс на Икс
Во февруари, Прево споделил напис со наслов „Џ.Д. Венс нема право: Исус не бара од нас да ја рангираме љубовта кон другите“.
Во април, кога Трамп се сретнал со претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, за да разговараат за користење затвор со сомнителни услови за притвор на осомничени членови на банди депортирани од САД, Прево споделил коментар кој гласел: „Не го гледате ли страдањето? Дали вашата совест не е вознемирена?“
Ројтерс не можеше веднаш да потврди кој го водел профилот, кој првата објава ја имал во 2011 година. Ројтерс се обрати до Ватикан, Римокатоличката бискупија на Чиклајо во Перу (каде што Прево престојувал долги години), како и до амбасадата на Перу при Светиот Престол за да ја потврди автентичноста на профилот @drprevost, кој содржи и објави со молитви за покојниот папа Франциск во последните месеци од неговиот живот.
Очекувањата се дека Папата Лав ќе го следи патот на Франциск кој беше застапник за сиромашните и за мигрантите и кој, исто така, имал несогласувања со администрацијата на Трамп.
Венс ги минимизираше тие разлики по средбата со Франциск во Ватикан, ден пред неговата смрт, иако тие биле суштински. Франциск ги нарече „срамни“ политиките на Трамп за мигрантите.
„Тој е анти-Трамп, анти-МАГА и е тотален марксист“
Поддржувачите на движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ со презир реагираа на изборот на Лав:
„Тој е анти-Трамп, анти-МАГА, за отворени граници и е тотален марксист како папата Франциск,“ напиша Лумер на Икс.
„Папата Лав XIV: регистриран републиканец од Чикаго и борец за живот или глобалист за отворени граници, инсталиран за да му се спротивстави на Трамп?“, праша десничарскиот активист Чарли Керк.
Венс, кој е католик, изјави дека е сигурен оти милиони американски католици и други христијани ќе се молат за успехот на Лав.
Политички разлики и сличности меѓу Лав 14 и Трамп
Новиот папа дели некои ставови со тимот на Трамп. Тој се противи на абортусот, како и Трамп и Венс.
Но, тој поддржува мерки за борба против климатските промени, што се гледа од негова објава со повик за потпишување на католичка петиција за климата. Трамп, пак, ги повлече САД од Парискиот климатски договор.
Лав 14 јавно се изјаснил и против расизмот. Во разгорениот период на протестите за расна правда во 2020 година, по полициското убиство на Џорџ Флојд, Прево споделил низа објави повикувајќи на искоренување на предрасудите и омразата.
„Потребни се повеќе гласови од црковните лидери кои ќе го отфрлат расизмот и ќе се борат за правда,“ напишал на 30 мај 2020 година.
Трамп ги укина политиките за разновидност, еднаквост и инклузија во федералната администрација и кај нејзините договорни партнери – алатки за кои поддржувачите велат дека служеле за справување со историјата на расна дискриминација во САД.
Вашингтон и Ватикан понекогаш имале усогласени политички ставови, а понекогаш и спротивставени.
Претседателот Роналд Реган и Папата Јован Павле II биле жестоки антикомунисти, иако имале несогласувања околу нуклеарното вооружување. Реган беше првиот американски претседател што воспостави целосни дипломатски односи со Светиот Престол.
Јован Павле II остро ја критикуваше поддршката на претседателот Бил Клинтон за правото на абортус, и силно се спротивстави на американската инвазија на Ирак во 2003 година за време на претседателот Џорџ Буш.