Украинските безбедносни служби (СБУ) му доставија на Си-Ен-Ен ексклузивни снимки на кои се гледа моментот кога користеле експериментален дрон за напад на рускиот мост кон анектираниот Крим во јули годинава. Ова е прв пат СБУ отворено да преземе одговорност за операцијата.
Во нападот на 17 јули беа оштетени коловозните ленти на мостот и, според руските власти, загинаа двајца цивили. Тоа беше втор напад на виталниот премин и покажа колку е тешко да се одбрани единствената независна врска на Русија со анектираниот полуостров.
Шефот на СБУ, Васил Маљук, изјави за Си-Ен-Ен дека користениот дрон, наречен „морско бебе“, е резултат на неколкумесечниот развој што започнал веднаш по инвазијата.
-Морските беспилотни летала се изум единствено на Службата за безбедност на Украина. Не е вклучена ниту една приватна компанија. Со помош на овие беспилотни летала неодамна успешно го погодивме мостот на Крим, големиот јуришен брод Оленгорски Горњак и танкерот СИГ – изјави Маљук.
Шефот на СБУ најави и нови, како што вели „интересни операции“.
-Работиме на серија нови интересни операции, вклучително и во водите на Црното Море. Ви ветувам, тоа ќе биде возбудливо, особено за нашите непријатели – рече Маљук.
Тој рече дека јулскиот напад со беспилотно летало е производ на повеќемесечна подготовка и заедничка операција со украинската морнарица, која ја водел заедно со морнаричкиот адмирал Олексиј Неижпап.
-Во последната фаза од подготовката, не можевме ни да размислуваме за спиење или храна. Бевме целосно концентрирани на операцијата. Последните денови беа доста нервозни. Кога се случи експлозијата, бевме многу среќни и почнавме да си честитаме. Ова беше многу емотивен момент за сите нас и нашата победа сигурно ќе дојде наскоро – вели шефот на СБУ.
Маљук посочи и дека западните партнери на Украина покажале интерес за нивните операции и желба да учат од нивното искуство.
-Тие не учествуваат во нашите операции, ниту ни даваат каква било опрема или нешто друго. Овие беспилотни летала се произведуваат во подземен производствен капацитет на територијата на Украина. Целите што ги споменав се легитимни според украинските и меѓународните закони – истакнува шефот на Украинските безбедносни служби.