Најавите за „бум“ на јавните инвестиции останаа само на хартија, како буџетска неостварена проекција. Со ребаланс на Буџетот се кратат 300 милиони евра од капиталните расходи. Иако беше најавена агресивна политика за јавни инвестиции, полугодишните податоци од Министерството за финансии покажуваат дека има институции кои имаа нула реализација, а најголем дел од министерствата не успеале да остварат ниту една третина од планираните капитални расходи во период од шест месеци, пишува Порталб.мк.
Министерствата имаа различен степен на реализација на јавните инвестиции. За шест месеци голем дел не успеале да остварат барем една третина од планираните, а на една рака се бројат оние кои надминале 50% реализација.
Од ресорите кои располагаат со милионски износи за капитални инвестиции, со најниско ниво на остварување се: Министерството за одбрана кое од расположливите скоро 102 милиони евра во првата половина од годината потрошило близу 22%, Министерството за внатрешни работи од 14,5 милиони евра за капитални расходи реализирало 22,7%, Министерството за земјоделство од 15,5 милиони евра за инвестиции потрошило 22,4%, Министерството за надворешни работи од планираните 521 000 евра реализирало само 12,07%, Министерството за финансии од скоро 10 милиони евра за шест месеци потрошило 20,7% а Министерството за финансии – функции на држава од 55,3 милиони евра реализирало 53,2%. Министерството за труд и социјална политика реализирало 32,2% а Министерството за образование од скоро 30 милиони евра за капитални расходи потрошило близу 27%.
Министерството за животна средина има реализација од само 12% од планираните 20,6 милиони евра, Министерството за здравство од вкупниот буџет за инвестиции во износ од 9,5 милиони евра потрошило 30% а МИОА од расположливите 2,5 милиони евра за шест месеци реализирало 23,4%. Министерството за политички систем од планираните 36 500 евра потрошило 34,5%, Министерството за правда реализирало 3,08% а Министерството за локална самоуправа од капиталните инвестиции во износ од 60 000 евра реализирало 27%.
Во групата ресори со повисок процент на реализација на капиталните расходи се Министерството за економија кое од расположливите 5,1 милион евра, за јавни инвестиции потрошило 73%, Министерството за транспорт реализирало 61,3% од планираните 305,5 милиони евра а Министерството за култура е со остварување од околу 40%.
Собранието на РСМ кое во сегашниот буџет има на располагање 1,7 милиони евра, на крајот од првото економско полугодие реализирало 19,1%,
Со „нула“ реализација на капитални расходи се: Државната изборна комисија со буџет за инвестиции од 41 300 евра, Фискалниот совет, Инспекцискиот совет кој имаше на располагање дури 300 000 евра за капитални расходи а во оваа група се и Совет за управување и надзор на ревизијата, Инспекторатот за употреба на јазици, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот инспекторат за шумарство, Државниот санитарен инспекторат и уште неколку други инспекторати и тие главно располагаат со пониски расположливи износи за капитални расходи.
Интересни се институциите задолжени за безбедноста. Така, ОТА (Оперативно – техничка агенција) која од вкупниот буџет за капитални инвестиции во износ од 3 милиони евра реализирала само 0,23% како и Агенцијата за национална безбедност која од расположливите 1,5 милиони евра за шест месеци потрошила 0,11%. Во оваа група е и Управата за извршување на санкции каде од планираните 3,1 милион евра по основ на капитални расходи биле потрошени само 0,81%. Со слаба реализација од само 1,33% од вкупно 2,2 милиони евра е Управата за јавни приходи додека Секретаријатот за европски прашања кој со моменталните буџетски позиции има на располагање 50 100 евра реализирал околу 2%.
Судската власт, за која беа планирани 2,2 милиони евра за капитални расходи, за шест месеци реализирала 8,6%, кај Јавното обвинителство реализацијата е скоро 50% а Советот на јавни обвинители потрошил близу 60% од планираните средства за капитални расходи.