Скопјани во последните две години се жалат за непочитувањето на возниот ред и на долгото чекање на автобус, нешто што денеска од говорница го потврди новиот директор на ЈСП Скопје, Драги Кушовски.
Конечно јавноста имаше можност од говорницата во Советот на Град Скопје да слушне во каква лоша состојба е Јавното претпријатие. Но во минатото се тврдеше дека тоа функционира нормално и сите приговори беа остро демантирани од претходните директори.
– Реалната состојба е таква каква што е, нема што да криеме. Возниот парк, по набавката на кинеските автобуси „јутонг“ броел околу 350 автобуси и возните редови, и летен и зимски, биле адаптирани на таа бројка автобуси. Во моментов во сообраќај се од 190 до 200 возила и со нив не можеме да го опслужиме ни летниот возен ред којшто знаеме дека е скратен возен ред. Од септември кога треба да стартува зимскиот возен ред ситуацијата ќе биде уште потешка. Од денешен аспект и ниеден автобус да не ни се расипе ќе имаме недостаток од 100 автобуси. Во моментов имаме недостиг од 40-50 автобуси – рече Кушовски.
Тој објасни дека и сервисите на автобусите се одвиваат во отежнати услови поради недостиг на делови. За едниот тип автобуси деловите доаѓаат од Кина, но претпријатието има долгови спрема добавувачите кои носеле делови за сервисирање во изминатиот период, кои сега ја откажуваат соработката, затоа што ЈСП не е во можност да ги сервисира тие долгови. Притоа, според Кушовски, зголемени се и расходите на претпријатието затоа што поскапуваат деловите.
Во моментов просечната старост на возилата е 12,5 години, понови се само 33-те автобуси „Ман“, додека „Јутонг“ автобусите досега имаат поминато километража од над милион километри по возило.
Во однос на реакцијата на граѓаните дека автобусите се неклиматизирани, Кушовски објасни дека денеска не работеле клима уредите во 27 автобуси, но дека бил информиран дека до утре уште во пет автобуси ќе биде сервисирана климата, додека во дел од нив проблемот не може да биде надминат затоа што недостигаат делови.
На прашањето зошто претпријатието е во ваква состојба кога добива големи субвенции, Кушовски одговори дека се зголемени трошоците за превоз, а цената и натаму е иста.
– Знаеме кога е утврдена цената за превоз и колкави биле тогаш трошоците, а колкави се сега. Имаме бесплатен превоз на студенти, а последниве три години нема денар добиено пари од Министерството за образование и наука. Притоа, претпријатието само не успеало да ја зголеми наплатата кај билетите – нагласи директорот на ЈСП.