Новинарите излегоа на протестен марш за да го изразат незадоволството од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат, како и лошата социо-економска состојба.
Протестниот марш е во организација на Здружението на новинарите и на Синдикатот на новинари.
Откако првиот човек на ЗНМ, Младен Чадиковски, ги достави барањата до Владата во форма на акциски план, тој одржа прес-конференција.
– Сакаме да упатиме неколку пораки. За новинарството се работи. Работите тапкаат во место и се влошуваат. Владата создаде најголема редакција во земјава. Безбедноста на новинарите не е на ниво на кое треба да биде. Излегуваме на протест за да спречиме тендециите да ни се преточат во нешто пострашно. Еден колега го бркаа со секира, друг колега беше истепан, колешка беше навредувана, друга колешка добиваше смртни закани. Ова стана секојдневие. Ваквиот амбиент не сакаме да го градиме и сакаме да му кажеме стоп. Ова е вистинскиот момент да се чуе нашиот глас. Тука сме, можеме да разговараме, но имаме сериозни барања до Владата и до Собранието – рече Чадиковски.