Нови декласифицирани документи на САД откриваат како ќе се одвива „нуклеарниот армагедон“ од минута во минута, објави британски Дејли мејл.
Дејли мејл состави детален опис како ќе изгледа светот по лансирањето нуклеарни ракети, врз основа на разговори со американски политичари, инженери, научници, војници, експерти за управување со кризи, аналитичари, членови на службите за итни случаи и други кои со децении работат на овие сценарија.
– Според тие сценарија, со оглед на тоа што Пентагон се смета за главна цел на можен нуклеарен напад, прв на удар ќе биде Вашингтон во кој ќе падне термонуклеарна бомба од еден мегатон – изјави поранешниот советник на американскиот министер за одбрана за нуклеарни, хемиски и биолошки програми, Ендру Вебер.
Тој напад би значел почеток на нуклеарна војна на глобално ниво и многу веројатен крај на светот за неколку часа.
Детонацијата на термонуклеарна бомба ќе биде проследена со силна светлина и топлина, четирипати до петпати повисока од температурата на јадрото на Сонцето. Топлината ќе ги растргне бетонот, металот, каменот и луѓето. Пентагон, како и сите и сè во него, ќе се претвори во прашина за неколку секунди.
Топлотниот бран потоа со брзина на светлината ќе се прошири неколку километри во секоја насока и ќе изгори сѐ што ќе му се најде на патот. Луѓето во Вашингтон, кои ќе немаат среќа да ја преживеат експлозијата, ќе имаат изгореници од трет или од четврти степен кои никој нема да може да ги лекува бидејќи повеќето специјализирани болници се наоѓаат релативно блиску до Пентагон и до центарот на градот, а кои веќе нема да постојат.
Се проценува дека во рок од неколку секунди, милион луѓе ќе бидат погодени од топлинско зрачење и 90% од нив ќе умрат.
Ударот од бомбата ќе биде посилен од најмоќните урагани и ќе однесе сѐ пред себе. Половина минута подоцна ќе се создаде препознатливиот облак во форма на печурка, смртоносен момент на вшмукување, кога автомобили, луѓе и столбови ќе бидат вшмукани во центарот на пеколот и ќе изгорат.
По 1 минута, облакот печурка ќе се прошири и ќе се издигне високо во тропосферата, од каде што радиоактивните честички ќе ја покријат Земјата. Во тој момент, неполни 2 минути по детонацијата, повеќе од милион луѓе ќе бидат мртви, а експертите предупредуваат дека дури тогаш ќе почне вистинскиот пекол.
Насекаде ќе избувнат пожари, ќе експлодираат гасоводи, хемиски фабрики, цистерни, печки, што ќе создаде огнена стихија која ќе проголта сѐ пред себе, патиштата ќе се стопат, а урнатите згради ќе се претворат во огромни печки.
Јаглерод диоксидот ќе навлезе во пукнатините, подрумите и во станиците на метроата, па ќе ги задуши преживеаните. Градот Вашингтон ќе исчезне.
Осум до девет минути подоцна, на 20 километри од „нулта точката“ (според оваа симулација точката ќе биде во Пентагон), преживеаните нема да знаат што им се случило. Десетици илјади ќе умрат од оштетување на белите дробови, а птиците ќе паднат мртви од небото.
Ќе нема струја, телефон, итна помош, интернет, а нема да работат ни пумпите за вода.
Нивото на радијација во тој круг од 20 километри ќе биде смртоносно. Оние, кои некако ќе успеат да ја избегнат смртта од експлозијата, ударниот бран и од огнената бура, ќе бидат препуштени на себе.
Поранешниот директор на Федералната агенција за управување со вонредни состојби, Крег Фугејт, вели дека единствена надеж за опстанок е луѓето да научат како да „преживуваат сами“. Така започнува борбата за храна, за вода…
Дејли мејл наведува дека Пентагон го знае сето тоа бидејќи американската влада се подготвува и вежба за општа нуклеарна војна од крајот на Втората светска војна досега.
Се смета дека Третата светска војна, која би била нуклеарна, ќе остави најмалку 2 милијарди мртви.