Најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ се радуваше на последниот грен слем турнир годинава, „УС Опен“ во Њујорк, САД, откако во финалето со 3:0 во сетови (6:3, 7:6, 6:3) го победи Русинот Данил Медведев.
Ова е 24 грен слем титула за Ѓоковиќ и сега има две повеќе од Шпанецот Рафаел Надал, а четири повеќе од Рожер Федерер од Швајцарија. Ѓоковиќ по четврти пат го освојува „УС Опен“, претходно тоа му успеа во 2011, 2015 и 2018 година.
И покрај тоа што речиси цел свет „посака“ нова пресметка меѓу Ѓоковиќ и Карлос Алкараз, во финалето гледавме реприза од 2021 година кога Русинот го спречи Новак да го комплетира календарскиот гренслем.
Ѓоковиќ во Њујорк поведе во првиот сет со 6:3. Во вториот сет Русинот пружи многу поголем отпор, имаше повеќе долги размени на удари, аплаузи за убавината и упорноста на играта и двајцата тенисери. И во тај брејкот кој го доби со 7:5, се најде на чекор до уште една титула на Грен слем турнирите. Во следниот период, Медведев побара медицински тајм-аут и масажа на рамото. Првите два сета траеја нешто повеќе од 2,5 часа игра.
Третиот сет го покажа целиот раскош на играта на Новак. По три часа и 10 минути му се оствари сонот. И доби долг искрен аплауз од публиката. Медведев не можеше да му парира. Повеќе од заслужено и формално повторно е светски рекет број 1 – продолжувајќи ја својата доминација, 389 недели на врвот.
– Живеам за овие моменти и уживам во овој прекрасен спорт. Овој успех е успех на моето семејство, мојот тим и мојата земја. Видов дека имав шанса да бркам историја и реков – зошто да не – рече Ѓоковиќ кој уште еднаш му честиташе на својот противник.
Пехарот му го врачи поранешниот американски тенисер, Енди Родик, легенда на овој спорт.