САД ќе продолжат да поддржуваат влади, партнери од граѓанското општество, независни медиуми и граѓани во борбата против организираниот криминал и искоренување на корупцијата, одговориле од прес-службата на Стејт департментот, на прашањето на Гласот на Америка на македонски дали САД се една од петте држави што обезбедиле меѓународна правна помош за прибавување докази во истрагата за „Скопје 2014“.
Основното јавно обвинителство во петокот соопшти дека спроведува истражна постапка против 15 физички и 7 правни лица за злоупотреба на службена положба и перење пари за 11 споменици, при што наводно биле испрани над 16 милиони евра буџетски пари.
„Борбата против корупцијата во Западен Балкан е главен приоритет на администрацијата на Бајден. САД ќе продолжат да поддржуваат влади, партнери од граѓанското општество, независни медиуми и граѓани во борбата против организираниот криминал, искоренувањето на корупцијата, зголемувањето на транспарентноста, спроведувањето на одговорноста и дополнително зајакнување на владеењето на правото и демократските институции“, изјави портпарол на Стејт департментот.
Во изјавата стои дека „лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“.
Меѓу осомничените во истрагата, со кодно име „Феникс“, се и поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија, и ексминистрите за финансии и за култура Зоран Ставрески и Елизабета Канческа-Милевска. Ексградоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ доби мерка куќен притвор, а изречени се и други мерки притвор и полесни мерки за обезбедување на осомничените.