Нова белгиско-германска инвестиција за која денеска ќе биде поставен камен-темелник, најави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-германското стопанско здружение.
Тој рече дека во наредниот период очекува покрај веќе најавените 4 инвестиции уште 3 нови кои ќе придонесат за раст на економијата и за зголемување на бројот на вработени.
– Веќе отпочнавме неколку инвестиции. Очекуваме денеска уште еден камен-темелник на уште една белгиско-германска инвестиција. Но, во периодот што што следи очекуваме почеток на нови инвестиции на компании кои се веќе присутни во земјава. Се очекува проширување на производството на компаниите, проширување на портфолиото на овие компании. Ние како влада ќе сториме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во тоа бидејќи за мене и за владата нема поголемо задоволство кога ќе отворите ново работно место односно да помогнете некој граѓанин да остане дома наместо да замине – рече Мицкоски.
Тој рече дека веќе се најавени две инвестиции на постоечки странски инвеститори во земјава.
– Да, веќе претседателката на Комората најави почеток на две инвестиции кои што изминатиов период заедно присуствувавме и ги отпочнавме. Очекувам во период кој што следи покрај оние четири договорени од почетокот на функционирањето на оваа Влада уште дополнителни три до крајот на годината. Со што драматично ќе се зголеми економската активност и ќе влијаат позитивно на растот на домашниот бруто производ за следната 2025 година, но и за годините коишто следат потоа – рече Мицкоски.
Премиерот во наредниот период очекува да продолжи заживувањето на економијата дополнителен раст на домашниот бруто производ и натамошен пад на инфлацијата.
– Мене ме охрабруваат првите индикатори во економијата во јули и во август, тековен е сега септември. Како ќе одминува месецот ќе ги следиме параметрите и во овој месец, но во јули и август можам да кажам дека оние податоци коишто се појавија тоа е поголемо индустриско производство со големо учество на преработувачката индустрија што охрабрува, 3,8%, 4%. После неколкумесечниот пад којшто беше посебно жесток во април, мај, јуни, сега конечно имаме позитива и очекувам и во август и понатаму во следните месеци до крајот на годината, да имаме позитивни резултати за индустриското производство и за преработувачката индустрија. Исто така БДП во вториот квартал е 2,3% над очекувањата коишто беа поставени од многу меѓународни финансиски институции – рече Мицкоски.
Тој рече дека анализата на овие параметри покажува дека економијата заживува.