Бројот на жртвите од земјотресот што ги погоди Турција и Сирија надмина 21.700 и може дополнително да се зголеми додека спасувачките тимови пребаруваат низ урнатините на илјадниците урнати згради. Повеќе од 75.000 луѓе се повредени во двата разурнувачки земјотреси што го погодија регионот во понеделникот, а ОН предупредуваат дека целосниот размер на катастрофата се уште е нејасен. Спасувачите се уште ги пребаруваат урнатините за преживеани. Серија нови земјотреси беа почувствувани и синоќа на ова подрачје.Повеќе од сто илјади спасувачи се на терен, но потрагата по преживеани ја попречуваат бројните логистички пречки, уништените патишта и недостигот на возила. Ситуацијата е особено тешка во Сирија, каде што земјата е опустошена од долготрајната граѓанска војна, а првата хуманитарна помош од ОН пристигна во оваа земја дури во четвртокот.
Турција одби помош за Кипар
Турција ја одби помошта од Кипар, кој не го признава како држава. Кипарското Министерство за надворешни работи соопшти дека Турција „учтиво ја одбила“ својата понуда за спасувачки тим да помогне во напорите за пребарување, и покрај тоа што првично прифатила помош. Кипарски тим од 15 спасувачи, лекари и болничари беше во подготвеност од средата.