Малку милитаристички звучи пораката од Бугарија и бугарскиот кабинет на новиот премиер дека ќе бидат извор на мирот, не звучи така добро бидејќи алтернативата е извор на војна, а ние сме во еден вид ладна војна со Бугарија затоа што го попречува напредокот на Македонија кон ЕУ. Тоа е една работа, другата е што видовме две различни соопштенија денес за ист телефонски разговор, едно од бугарската влада. Во соопштението на бугарската влада бараат веднаш уставни измени со цел влез на Бугарите во Уставот, а во соопштението од македонската влада има општи флоскули за пријателство, добрососедство така што некој лаже, не може да се толку различни соопштенијата, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на вечерашното гостување во емисијата 10 Минути што се емитува на телевизија 21 коментирајќи го разговорот меѓу новоизбраниот бугарски премиер, Николај Денков и Димитар Ковачевски во кој Денков рекол дека овој кабинет ќе биде извор на мирот.
Според Николоски бараните уставни измени се само врвот на ледениот брег и тоа е она што може да се види.
– А тоа што не се гледа, а потенцијално би се гледало е тоа дека нивната западна граница да е поназапад и мислат дека треба да граничат со Албанија, мислат дека тука живее население кое има бугарски корени, кое зборува дијалект на бугарскиот јазик и таа политика не е сменета затоа стартуваат со уставни измени, па потоа да продолжат со други барања и тоа да нема крај – кажа Николоски.
Николоски посочи дека тоа што го бара Бугарија нема врска со критериумите за ЕУ.
– Прашањето е дали разговараме за критериумите за ЕУ кои јас инсистирам дека мора да ги спроведеме, зошто целата е ефикасен правен систем и економска благосостојба и до тука јас сум прв кој бара целосно да се спроведе се. Проблемот со Бугарија е што немаат забелешки во овој дел, туку во делот на македонската самобитност, тоа никој го немал како услов. Бугарија сака ова да го постои како приказна која не завршува и да вика само уште ова. Од 1993 кога го сменивме името, ние слушаме само ова, значи од промена на името е исто и нема крај. Животите на сите 30 години им поминаа со само уште ова, само тоа го слушаме – посочи Николоски кој уште еднаш повтори „уставни измени под бугарски диктат ќе нема, постапката има три фази и воопшто нема да почнеме прва фаза која е отворање на постапката, ние уште тука ќе гласаме против“.
Тој додава дека пристапот на ДУИ и СДС во овој момент е очајно барање за ден повеќе власт затоа што се свесни што ќе им се случи на следни избори.
– Доколку услов на власта на СДС и ДУИ е да нема техничка т.н Пржинска Влада тогаш ние се сложуваме под услов на иста собраниска седница во Собранието да се изгласа и укинување на Пржинска односно техничка Влада и предвремени парламентарни избори. Ние сме убедени во нашата поддршка и колку и да прават местенки, злоупотреби толку е голема народната волја што ништо нема да ги спаси и сме спремни убедливо да победиме на избори – истакна Николоски.
Тој посочи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е многу јасен а тоа е дека би поддржале укинување на Пржинска или техничка Влада само доколку на истата седница ги изгласаме предвремените парламентарни избори.
– Сеуште имаме обемна теренска активност во која го посетуваме секое населено место во Република Македонија. Расположението е за промени и во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Сметаме дека имаме зрел тим кој може да испорача и да ги придвижи работите напред во Македонија во делот на економска благосостојба и во делот на борба со организираниот криминал и корупција – кажа Николоски.
Тој е потенцираше дека затоа ВМРО-ДПМНЕ се залага за избори час поскоро. Нека излезат од Државната изборна комисија, нека кажат кој е најбрз рок во кој тие можат технички да ги организираат изборите, на иста седница да ја укинеме Пржинската Влада и да закажеме предвремени парламентарни избори.