По информацијата (линк) дека се наоѓа на црната листа на САД, на Фејсбук се огласи поранешниот премиер Никола Груевски. Неговиот пост го пренесуваме во целост:
„Подолг период се говореше она што денес се објави. Високи претставници на властите во Македонија не криеја во неформални кругови дека со години лобираа за истото да се случи. Моите долгогодишни напори проблемот со името да се реши на поинаков начин од оној на кој на крајот се реши, одлуките поврзани со мигрантската криза и затворањето на балканскиот коридор во 2016 година и неколку други одлуки со кои се обидував да ги заштитам државните и националните интереси на Македонија иритираа некои земји и ми навлекоа многу противници како што на пример беше Џорџ Сорос, кој вложи многу напори и финансии за соборување на владата која ја предводев. Жалам за одлуката на Стејт департментот која ја објавија денес, а меѓу другите се однесува на мене.
Наводите кои се наведени заради кои сум ставен на списокот се неточни информации на кој се подлегнало и во најголем дел произлегуваат од долгогодишниот политички прогон кој се води против мене во Македонија. Од тој аспект чувствувам голема неправда бидејќи работев многу чесно и многу одговорно борејќи се за државните и националните интереси, а при тоа колку што можев се трудев да не ги загрозам интересите на сојузниците на Македонија. Никогаш не работев за личен финансиски или материјален интерес. Ќе продолжам да се борам во правец да ја докажам вистината. Ќе продолжам да се борам за Македонија.“