Никако да почне повтореното судење за пожарот на модуларната болница во Тетово – денеска процесот по трет пат беше одложен.
Првиот обид за почеток на повторено судење беше на 26 јуни , па се одложи за 25 септември, кога, исто така не се одржа јавна расправа. Денеска рочиштето се одложи поради отсуство на судијата Јордан Велковски, а судијката која го заменуваше го закажа за 15 јануари 2025 година во 10 часот.
Апелацискиот суд Гостивар на јавната седница во април 2024 година го врати на повторно судење предметот. Апелацијата наложи одново да им се суди на поранешните директори на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, како и на Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово, како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски нема повторно судење, затоа што што тој е ослободен од вина на првото судење, а Апелацискиот суд ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда.
На 5 јуни 2023 година Основен суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година, кога животите ги загубија 14 луѓе. Судот тогаш донесе ослободителни пресуди за докторот Бобан Вучевски и за Клиничката болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Со пресудата на обвинетите Бесими и Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, со условна осуда, односно утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правното лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилноста на пресудата.