Владата го утврди Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија за враќање незаконски изнесени икони во земјата на потекло, предложен од Министерството за надворешни работи и одлучи да го достави до Собранието на Република Северна Македонија.
„Со ратификацијата на Договорот, според образложението од Министерството за надворешни работи, исклучително вредното културно наследство, за кое претходно се договорија Северна Македонија и Албанија, ќе биде вратено во Република Северна Македонија. Ова ќе ги продлабочи и унапреди културните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и ќе ја манифестира сериозната посветеност на двете држави во ефективната заштита на културното наследство и имплементацијата на меѓународните конвенции од оваа област“, информираат од Владата.