Руските научници во понеделникот ги покажаа извонредно добро сочуваните остатоци од бебе мамут, пронајдено во сибирската република Саха (Јакутија), објави Москов тајмс.
Женскиот мамут, стар 50.000 години, го доби прекарот Јана по реката во чиј слив беше откриена летово.
Експертите велат дека Јана е најдобро зачуваниот труп на мамут во светот и е еден од само седумте цели остатоци што некогаш биле пронајдени.
Сега ќе се спроведат студии за да се утврди нејзината точна возраст при смртта, проценета на „една година или малку повеќе“.
Трупот беше прикажан на Федералниот универзитет на североисток во регионалниот главен град Јакутск, се вели во соопштението на институцијата.
– Сите бевме изненадени што мамутот беше исклучително зачуван – рече ректорот на универзитетот, Анатолиј Николаев.
Истражувачот Максим Чепрасов рече дека тоа е „уникатно откритие“.
Остатоците тежат 180 килограми, високи се 120 сантиметри и долги се 200 сантиметри.
Трупот бил ископан во близина на истражувачката станица „Батагаика“ каде што се пронајдени и остатоци од други праисториски животни – коњ, бизон и леминг.
Пред ова откритие, во светот беа пронајдени само 6 трупови на мамути – пет во Русија и еден во Канада – соопшти универзитетот.
Саха е оддалечен регион што се граничи со Арктичкиот Океан. Неговиот вечен мраз делува како огромен замрзнувач кој ги зачувува остатоците од праисториските животни.