Ситуацијата околу организацијата на Скопје како Европска престолнина на културата за 2028 година добива алармантен тек. Илија Вучков, активист и иницијатор, изрази длабока загриженост дека Европската комисија сериозно размислува да ја одземе титулата на главниот град.
– Скопје може да се соочи со одлука што ќе биде без преседан во 40-годишната историја на оваа иницијатива. Ваквиот развој на настаните е целосно неприфатлив за мојот град и за Македонија – изјави Вучков во своето обраќање.
Според Вучков, подготовките за 2028 година бележат значителни доцнења. Европската комисија веќе го покренала ова прашање во својот мониторинг извештај, сигнализирајќи сериозни пропусти во планирањето и реализацијата и одземање на титулата веќе следната недела.
– Цела година е изгубена поради неспособноста на одредени поединци. Времето што е потрошено никогаш нема да се врати, но можеме да направиме напори за да спречиме уште поголема штета – посочи Вучков.
Вучков информира дека во разговори со високи претставници на Европската комисија во Брисел добил уверување дека проблемот може да се реши преку назначување нов тим за спроведување на иницијативата.
– Слични случаи се решени успешно во минатото. Доколку се преземат соодветни мерки, има шанса да ја спасиме оваа иницијатива – објаснува Вучков.
За да се зајакнат овие напори, иницијативата добива поддршка од истакнати македонски културни и уметнички дејци. Дополнително, Вучков покрена петиција преку која граѓаните можат да го изразат своето мислење и да побараат промени.
– Градоначалничката Арсовска и Град Скопје ја загубија довербата на јавноста во оваа важна иницијатива. Време е за промени – нагласува Вучков.
Граѓаните кои сакаат да го поддржат повикот за одземање на правото за организација на Скопје 2028 можат да го дадат својот глас преку петицијата.
– Ова е моментот кога сите мораме да застанеме зад нашата културна иднина – завршува Вучков.
Линк до иницијативата: https://acridnetwork.com/peticzi%d1%98a-za-poddrshka-zashtitete-%d1%98a-nominaczi%d1%98ata-na-skop%d1%98e-za-evropska-prestolnina-na-kulturata-za-2028-godina/