Нешто под 1.000 потписи и фалат на професорката Билјана Ванковска, поддржана од Левица, за да стигне до бројката од 10.000 и да се вклучи во претседателската трка. Според информациите од ДИК, таа заклучно со вчерашниот пресек, односно до 20 часот вчера имала собрано 9.085 потписи.
Сериозно во трката за претседателските избори влегува и Стевчо Јакимовски од ГРОМ, кој е зад Ванковска со 7.994 потписи.
Како што е веќе познато досега Бујар Османи, Арбен Таравари и Максим Димитриевски успеаа да соберат 10.000 потписи и со тоа да бидат кандидати за претседател на државата.
Вело Марковски, кој е независен кандидат, има собрано 1.087 потписи, Мерсиха Смаиловиќ од Бошњачката партија има собрано 977 потписи, Ѓорѓи Манасков – 323, а Зорица Цветковска – 105, Господин Попоски – 63.
Државната изборна комисија соопшти дека сè додека трае собирањето потписи, еднаш дневно ќе прави пресек на пристигнатиот број на потписи за секој подносител одделно и редовно ќе се ажурира.
Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари, ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, а кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Учесниците на изборите листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.