Семејството e основата на превенцијата за безбедност во сообраќајот, порача професорката на Правниот факултет Гордана Лажетиќ, која денеска зборуваше на јавната расправа во Собранието организирана по сообраќајната несреќа на булеварот Партизански одреди во Скопје во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.
Дека сообраќајната култура се учи од мали нозе во семејството и во градинките смета и директорката на Психијатриската болница Славица Арсова.
– Она што сум убедена и како експерт и како родител, она што семејството ќе го пропушти, во првите години од животот, не може ниеден систем да го надомести. Градиме систем на превенција, градиме систем и на санкционирање, но ако од дома не ги носиме основните вредности, сето тоа не може да биде до крај успешно – истакна професорката Лажетиќ.
Според неа, од анализата што ја правеле семејството е фактор на превенција, но и фактор на ризик и затоа образованието треба да го надополни она што семејството ќе го пропушти.
– Мора граѓаните да бидат свесни. Немојте да им купувате на децата џипови кога ќе наполнат 18 години, им давате репетиран пиштол. Последиците се такви какви што се – вели професорката Лажетиќ.
Општата некултура, посочува таа, се рефлектира и во некултура и во сообраќајот. Во однос на институционалниот проблем Лажетиќ смета дека треба да се направи контрола на автошколите и кај техничките прегледи на возилата, а посочува и на проблемот што кај нас го има со јавниот транспорт што би го користеле лицата што немаат дозволи. Како експерт, кажа дека ќе има пакет на закони, за што побара поддршка од пратениците.
– Станало пракса да се вози без возачка дозвола, и тоа едноставно не смее да ни се случува – рече таа додавајќи дека со целосното профункционирање на „безбеден град“ сите ќе бидеме посреќни бидејќи софтверски ќе се детектира прекршокот.
Директорката на Психијатриската болница Арсова рече дека никој од нас не може да остане имун на ваква насилна смрт на млада личност, како и дека во изминатиот период во земјава има акумулација на негативни трауматски случувања како убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска, други сообраќајни несреќи исто така на булеварот Партизански одреди, жртви во пожарот во Модуларната болница во Тетово…
Затоа, смета таа, целата оваа ситуација околу сообраќајната несреќа во која загина младата Кулакова, толку многу не погоди.
Републичкиот совет за безбедност, како што посочи нејзиниот претседател Горан Ангелковски, водејќи се од статистичките податоци за бројот на случени сообраќајни незгоди, причините и послоедиците од нив, смета дека е потребна зајакнување на казнената регулатива, воведување на негативни бодови за потешки прекршоци кои ќе се изрекуваат кумулативно а не како замена за изречената глоба, зголемување на ефикасноста на казнените постапки, имплементирање на системот „безбеден град“, намалување на влијанието на човечкиот фактор при одлучување за прекршоците како и забрзување на казнената постапка.
– Одредени потешки случаи од областа на сообрачќајот треба да се предвидат како кривични дела, пред се, брзото возење над 70 км во населени места, или над 100 км надвор од населените места, управувањето под дејство на алкохол над 2 промили, или под дејство на дроги, без положен сообраќаен испит и други потешки случаи како и заострување на казнената политика за непочитување на ограничувањето на брзината на места каде што имаме определени зони на смирен сообраќај – рече Ангелковски.
За вакви дела, тие предлагаат, времено или трјно оодземање на возило како предмет на вршење на кривичното дело. Сепак, вели Ангелковски, за да се случат сообраќајни несреќи свое влијание имаат несоодветната патна структура и сигнализација и слично.