Западот сè уште не покажува подготвеност за мировни иницијативи кога е во прашање ситуацијата во Украина, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
– Засега нема подготвеност или отвореност за мировни иницијативи од страна на Западoт – рече Песков во интервју за каналот „Русија еден“.
Тој вели дека идејата на белорускиот претседател Александар Лукашенко за разговори меѓу руските и американските лидери Владимир Путин и Џозеф Бајден веројатно нема да ниде на поддршка од Запад.
Лукашенко претходно го покани Бајден во Минск и рече дека е подготвен да ја организира неговата средба со Путин. Но Бајден, кој отпатува за Турција, за да ја искаже својата поддршка за турскиот народ погоден од земјотресот, одбегна да ја коментира поканата.
Претходно и Кина соопшти дека ќе претстави мировна иницијатива за ставање крај на едногодишната војна во Украина, заснована на дијалог меѓу завојуваните страни и почитување на територијалниот интегритет.
– Кина нема да стои настрана или да долева масло на огнот – изјави денеска изутрина кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на безбедносна конференција во Минхен.
– Ќе продолжиме да повикуваме на мир и дијалог, додаде тој и најави дека Пекинг ќе претстави предлог за политичко решение на украинската криза врз основа на принципите на Повелбата на ОН.
Без да прецизира на кого се мисли, Ванг рече дека има „сили кои не сакаат преговорите да успеат и војната да заврши“ и оти санкциите не ги решаваат конфликтите меѓу земјите.
– Мора да му дадеме шанса на мирот. Предлагам сите да почнат да размислуваат сталожено, особено пријателите во Европа, за тоа што можеме да направиме за да ја запреме оваа војна – нагласи тој.
И францускиот претседател Емануел Макрон во петокот ги повика сојузниците да ја засилат воената поддршка за Украина, но исто така рече дека не верува во промена на рускиот режим, и дека во одреден момент ќе мора да има преговори.
Макрон за „Неделен весник“ (Le Journal du Dimanche) изјави дека Франција сака да ја победи Русија во Украина, но дека никогаш не би сакала да ја „скрши“.
– Да бидеме на чисто, јас воопшто не верувам во промена на режимот и кога ќе слушнам дека многу луѓе бараат промена на режимот, ги прашувам: „Каква промена? Кој е следниот? Кој е вашиот лидер – рече Макрон.
Тој за весникот објасни дека не верува оти од граѓанското општество во Русија ќе произлезе демократско решение по толку години зацврстување на позицијата на Москва и конфликти. Тој додаде дека не гледа алтернатива за Путин, и смета дека тој треба да биде доведен на преговарачка маса.
– Сите други опции во моментов ми изгледаат полоши – рече Макрон.