Демократската унија за интеграција ја повика опозицијата да го прифати и поддржи Договорот за добрососедство со Република Бугарија, кој што е меѓународен договор и, согласно Уставот, неговото правно дејство не може да се менува – истакна Арбер Адеми, координатор на пратеничката група на ДУИ на денешната прес конференција во врска со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за организирање референдум.
– Kога е во прашање државниот и национален интерес Демократската унија за интеграција нема да дозволи ретроградните сили да ја закочат иднината на Република Северна Македонија. Граѓаните веќе јасно го дадоа својот глас, тие се за Европска унија и НАТО и заедно со нашите меѓународни партнери и САД, ќе продолжиме успешно да ја остваруваме нашата цел, членство на Република Северна Македонија во големото европско семејство – рече Адеми.
Според ДУИ, иницијативата за организирање референдум е спротивна на Уставот на Република Северна Македонија и истата е отфрлена бидејќи Уставот, како највисок правен акт, е многу јасен. Само да потсетиме, рече Адеми, во член 118, се предвидува дека потпишаните меѓународни договори, кои потоа се ратификувани, се дел од внатрешниот правен поредок и истите не можеме да ги менуваме со Закон.
– Очигледно, опозицијата намерно ја има смислено и поднесено иницијативата на правно неиздржан начин за организирање референдум, која е спротивно на Уставот, со единствена цел, за да биде одбиена и притоа да создава поделби и тензии меѓу граѓаните, да го манипулира народот иако знаат дека референдумот нема никакви шанси да успее. Иницијативата на опозицијата е насочена кон попречување на патот кон Европската унија. Жалам за антиевропското убедување и делување на опозицијата, но едно е јасно, дека враќање назад нема да има, дека земјата нема да се изолира од останатиот демократски свет – рече Адеми.