Најмалку седум Палестинци загинаа во израелски воздушен напад врз областа Ал-Хашашин северно од Рафах, јави денеска катарската телевизија Ал Џезира. Неколку Палестинци, исто така, наводно биле убиени во израелските напади врз областа Ал Фалуџ во близина на бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа.
Според Ал Џезира, израелските сили во Рафа повторно гранатирале област каде раселените Палестинци се сместени во шатори, при што загинале најмалку седум лица. Западниот дел на Рафа, од каде побегнаа илјадници луѓе, наводно бил цел на опсежно гранатирање, јавува британски Би-Би-Си.
Новите напади доаѓаат два дена по израелскиот напад врз кампот за раселени лица во Рафах, во кој загинаа 45 лица, а десетици беа ранети. Нападот, за кој денеска ќе расправа и Советот за безбедност на ОН, предизвика гнев кај меѓународната заедница, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го опиша како трагична несреќа.
Израелски тенкови за прв пат влегле во центарот на Рафа во вторникот, според очевидци, пренесе Ројтерс. Се вели дека од вчерашниот напад до денес се убиени вкупно најмалку 26 лица.
Денеска Кина изрази загриженост за израелските операции во Рафах. Таа го повика Израел да ги послуша меѓународните апели и да ги запре нападите врз Рафах и да ги заштити цивилите и цивилните објекти, пренесува француската новинска агенција АФП.
Според извештајот на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA), повеќе од еден милион луѓе се раселени поради борбите во Газа од 6 мај.