Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи повика на „строга казна“ за одговорните за серијата труења на ученички кои ја потресуваат земјата веќе три месеци.
„Оние кои се одговорни за овие дела мора да бидат осудени на тешки казни“ и „нема да има амнестија за нив“, рече ајатолахот кој прв го спомна ова прашање.
Според него, овој случај мора да се сфати сериозно. „Ако се докажат труењата, тоа е непростливо злосторство“, изјави Хамнеи за новинарите.
Вкупно, според официјалната бројка, во повеќе од 52 институции во последните три месеци се пријавени неколку стотици случаи на труење со гас.
Засега не се објавени апсења, додека властите продолжуваат со истрагата за да се утврдат супстанците кои предизвикале отежнато дишење и несвестица поради кои голем дел од ученичките биле испратени во болница.
Од ден на ден се повторува дека ученичките мирисаат „непријатни“ или „непознати“ мириси, а потоа имаат мачнини, отежнато дишење и вртоглавица.
Една вознемирена мајка ги повика властите да постават камери пред училиштата и да ги чуваат вратите за да „знаат кој влегува и кој излегува“ за да ги заштитат децата. Во повеќе градови на овој начин се мобилизираа родители на ученици кои побараа од надлежните веднаш да реагираат.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси во петокот побара од министерствата за внатрешни работи и разузнавачките служби „да го поразат заговорот на непријателот кој сака да сее страв, несигурност и очај“.