Неколку од избраните членови на кабинетот на новоизбраниот претседател, Доналд Трамп, и назначени од администрацијата биле мета на насилни закани во вторникот навечер и во средата наутро, изјави портпаролката на Трамп Каролина Ливит, објави Ројтерс.
– Во овие напади имаше и бомбашки закани. Како одговор на тоа, властите реагираа бргу за да ја обезбедат безбедноста на оние кои беа мета. Претседателот Трамп и целиот транзиционен тим се благодарни за нивната брза акција – изјави Левит.
Американската претставничка од Њујорк и избор на Трамп за амбасадор на САД во Обединетите нации, Елис Стефаник, во средата изјави дека нејзината семејна куќа била цел на закана за бомба.
Стефаник рече дека таа, нејзиниот сопруг и нивниот 3-годишен син се возеле од Вашингтон до округот Саратога во државата Њујорк кога биле информирани за заканата.
– Државата Њујорк, окружните органи за спроведување на законот и полицијата на Капитол на САД веднаш реагираа со највисоко ниво на професионализам – рече Стефаник.
Подоцна во средата, поранешниот претставник на САД од Њујорк и избор на Трамп да раководи со Агенцијата за заштита на животната средина, Ли Зелдин, рече дека и тој и неговото семејство биле мета.
„Закана за бомба, насочена кон мене и кон моето семејство, во нашиот дом, денеска беше испратена со порака на пропалестинска тема. Јас и моето семејство во тоа време не бевме дома и сме безбедни. Работиме со органите за спроведување на законот за да дознаваме повеќе како што ќе се развива оваа ситуација“, рече Зелдин во објава на Икс.
Левит не кажа кој друг бил цел на нападот и не ја објасни природата на очигледните закани.
Портпаролот на ФБИ рече дека бирото е свесно за многубројните закани со бомби и инциденти, насочени кон личности кои се номинирани и именувани за членови на администрацијата, а и дека работи со своите партнери за спроведување на законот.
– Ние сериозно ги сфаќаме сите потенцијални закани и како и секогаш, ги охрабруваме членовите на јавноста веднаш да им пријават сè што сметаат дека е сомнително на органите за спроведување на законот. Со претседателот Трамп, како наш пример, опасните акти на заплашување и насилство нема да нѐ одвратат – рече портпаролот.
Одделот за правда не одговори веднаш на барањата за коментар.
Трамп најавуваше дека личности од неговиот кабинет се мети по неговата победа на изборите на 5 ноември. Тој сѐ уште не ги коментираше очигледните закани.
Заканите се случуваат неколку месеци откако Трамп беше ранет во обид за атентат во Пенсилванија во јули. Во одделен инцидент, еден маж беше обвинет за обид за атентат во септември, откако наводно се позиционирал со пушка пред еден од терените за голф на Трамп во Флорида.