Српскиот музичар Ѓорѓе Николиќ – Давид, кој вчера попладне ја напушти Македонија, откако Основниот суд во Куманово му ги врати личните документи, има обврска секој месец да се јавува во содот во Куманово и нема сомнение дека тој таа обврска ќе ја исполнува, вели неговиот бранител Виктор Цветковски за Куманово њуз.
– Николиќ максимално соработува со македонските органи на прогон и при секое нивно барање или повик ќе биде присутен за непречено одвивање на постапката – изјави Цветковски.
Ѓорѓе Давид учествуваше во сообраќајна несреќа којашто се случи на 21 јануари на автопатот Куманово – Табановце, на околу 2 километри пред граничниот премин, во која загина жена.
Според првичните сознанија на ОЈО Куманово, прво дошло до судир помеѓу автомобилите „поло” и „голф”, затоа што едно од возилата се приклучило на автопатот во недозволена насока. Патничката потоа излегла од тоа возило и во тој момент на неа налетал автомобил „опел инсигнија“ со српски регистарски таблици со кој управувал Ѓорѓе Давид.
Од ударот патничката од Куманово починала во болница, а полесно повреден во раката бил и српскиот пејач.