Се чини дека кризата со храна во Северна Кореја се влошува, соопшти во средата Јужна Кореја, бидејќи медиумите објавија дека Северна Кореја го намалила оброците на своите војници за прв пат по повеќе од две децении.
-„Ситуацијата со храната во Северна Кореја се чини дека се влоши“, се вели во соопштението на јужнокорејското Министерство за обединување, кое се занимава со односите со Северна Кореја.
Северна Кореја претрпе сериозен недостиг на храна во последниве децении, вклучително и глад во 1990-тите, често како резултат на природни катастрофи како што се поплавите што ги оштетија жетвите.
Изолираната земја е под строги меѓународни санкции поради нејзините програми за нуклеарно оружје и балистички ракети, а во последниве години нејзината ограничена гранична трговија беше целосно задушена со самонаметнати рестриктивни мерки насочени кон спречување на Ковид.
Намалени дневните оброци за војниците?
Јужнокорејскиот весник DongA Ilbo во средата објави дека Северна Кореја ги намалила дневните оброци на храна за своите војници за прв пат од 2000 година, цитирајќи неидентификуван висок јужнокорејски функционер.
Министерството за обединување соопшти дека не може да ги потврди деталите од медиумските извештаи, но дека тоа и другите агенции ја следат ситуацијата.
Севернокорејската државна новинска агенција KCNA на 6 февруари објави дека Работничката партија на Кореја свикала состанок на централниот комитет на партијата за „многу важна и итна задача за одредување на правилната стратегија за развој на земјоделството“, објави Ројтерс.
Министерството за обединување соопшти дека ретко се случува Северна Кореја да свика ваков специјален состанок.
Минатиот месец, американската мониторинг група 38 Норт рече дека „достапноста на храна во Северна Кореја веројатно паднала под минимумот за човечки потреби“.
Јужнокорејскиот министер за обединување Квон Јанг-се рече дека неодамнешните извештаи на севернокорејските медиуми за појавување на ќерката на лидерот Ким Џонг Ун на државни функции би можеле да бидат насочени кон поттикнување на единството и зајакнување на лојалноста кон владејачкото семејство во услови на продлабочени хуманитарни проблеми.
„Ситуацијата со храната во Северна Кореја не изгледа многу добра“, изјави Квон во парламентот.