Намалување на бројот на новозаразени и починати од ковид-19 во изминатата недела, регистрира Институтот за јавно здравје во последниот извештај.
Според овој извештај од 7 до 13 март, регистрирани сe 1.818 нови позитивни случаи од 30 градови во државата што е намалување за 27,4 отсто во однос на минатата недела. Просечниот поцент на позитивност изнесува 11,6 отсто.
Тестирани се вкупно 15.264 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 12 отсто во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје 54,1 отто, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 167,6/100.000, Ресен – 163,4/100.000 и Скопје – 155,0/100.000.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години или 27,8 отсто. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години што е 3,3 отсто од вкупниот број.
Во однос на претходната недела, се регистрира намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 41,7 отсто во возрасната група од 0-9 години.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 2.400 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 267 реинфекции, со намалување од 28,2 отсто во однос на претходната недела.
Пријавени се 34 смртни случаи во 13 градови во текот на изминатата недела што е за 33,3 отсто помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (17). Во однос на возраста, регистрирани се 33 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50-59 години.
Заклучно со 12.03.2022, вакцинирани се вкупно 871.669 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 851.655 лица, а со трета доза се вакцинирани 147.223 лица.