Не се пријавени досегашни падови на системите во државните институции, туку само изолирани случаи во некои приватни компании беа погодени од хаваријата на „Мајкрософт“, изјави министерот за информатичко општество Стефан Андоновски. Според неговите информации, проблемите во приватните компании веќе се надминуваат, а настанале затоа што тие компании имаат врзани системи со „Мајкрософт“.
Тој уверува дека е во постојан контакт со институциите. Тој најави и дека Македонија ќе работи на нов протокол за сајбер безбедност и во процесот освен домашни ќе вклучи и меѓународни и експерти од НАТО.
– Ова е добра најава за она што ќе го работиме во наредниот период веќе испративме барања за номинирања на стручни лица во работната група за изработка на стратегијата за сајбер безбедност и изработка на законот за сајбер заштита. Можам да кажам дека во најголемиот дел од институциите веќе ги добивме номинациите, од сите државни институции, засегнати. Ние ќе го водиме процесот заедно со нашите партнери, меѓународни партнери и партнери во НАТО, за изработка на стратегија за сајбер безбедност закон за сајбер заштита и патоказ протокол како се однесуваме во случај на инциденти кои што можат да се појават – изјави Андоновски, пренесува Алфа.
Македонската јавност се сеќава на неколкуте хакерски упади во Фондот за здравство, големиот скандал со хакирањето на сајтот на Државната изборна комисија и недостапните сајтови на УЈП, НБРМ и повеќе министерства во текот на минатата година.