Вечерва со почеток од 21 часот на „Енфилд“ се игра дербито од 30. коло во англиската Премиер лига меѓу Ливерпул и Манчестер Јунајтед, а навивачите на „црвените“ се подготвуваат да му дадат поддршка на Кристијано Роналдо по трагичната смрт на неговиот син.
Португалецот и неговата свршеница Георгина Родригез очекувале близнаци, син и ќерка, но при породувањето дошло до компликации по кои момчето не преживеало.
Тој синоќа на Инстаграм ја сподели тажната вест со своите следбеници, а поддршка му дадоа бројни спортисти и јавни личности.
На социјалните мрежи денеска се појавија информации дека навивачите на Ливерпул ќе застанат на големото дерби во 7. минута на трибината на „Енфилд Роуд“ и ќе му аплаудираат на Роналдо за да му дадат поддршка во тешките моменти, пренесува Дејли Стар.
„Мислам дека нашите навивачи би можеле да го поддржат Кристијано Роналдо и неговиот партнер откако го загубија синот. Минута аплауз во 7. минута од натпреварот. Покажете им на другите фанови што е сочувство. Ривалството не значи ништо во вакви моменти“, напиша еден навивач на Ливерпул.
Португалецот вечерва нема да му биде на располагање на Ралф Рангник.
Натпреварот на овие ривали се игра вечерва на „Енфилд Роуд“ со почеток од 21 часот.