Политиката на рускиот претседател Владимир Путин го мобилизираше западниот свет, особено европските членки на НАТО алијансата, што е потврдено со многубројните инвестиции, но една работа се издвојува.
Имено, во Романија започна изградбата на најголемата НАТО база во Европа, а проектот е вреден близу 2,5 милијарди американски долари. Базата ќе се простира на 2.500 хектари и всушност е проширување на постоечката база Михаил Когалничеану на романските воздухопловни сили, пренесува Euronews.
Ќе се прошират и изградат нови писти, хангари за авиони и хеликоптери, голем број магацини за оружје, гориво и секаква можна опрема, а ќе се градат и нови училишта, градинки, продавници и болница за потребите на самите војници и нивните семејства. НАТО одлучи значително да го зголеми своето присуство во Источна Европа откако Русија ја започна инвазијата на Украина. Покрај тоа, две нови европски членки – Шведска и Финска – се приклучија на Алијансата во изминатите две години.
Така, една од декларираните цели на Москва и на претседателот Путин, да се оддалечи НАТО од неговите непосредни граници, не успеа. Сега НАТО е на 1.300 километри од руската граница само поради Финска, а пред проширувањето беше на вкупно 125 километри.
Исто така, присуството во Романија не е случајно бидејќи се граничи со Молдавија, чија отцепена покраина Придњестровје сака да се приклучи на Русија.