Нема многу бучава во вакуумот во вселената, но НАСА неодамна откри дека црните дупки испуштаат звуци кои потсетуваат на морничави, неземни липања. Во понеделникот, НАСА на својот Твитер профил објави аудио клип од морничави звуци кои доаѓаат од бранови под притисок од црна дупка што минува низ група галаксии, пишува Business Insider. Слушајте ја снимката на НАСА за морничавите звуци на притисок од црна дупка која минува низ галаксиите во Персеј. „Лажната претпоставка дека има тишина во универзумот постои затоа што универзумот е главно вакуум, низ кој звучните бранови не можат да патуваат. Јатото галаксии има толку многу гас што успеавме да ги фатиме звуците“, се вели на Твитер профилот на НАСА. Овој звук, сепак, не може да го слушне човечкото уво бидејќи е премногу длабок. Опсерваторијата Чандра фати податоци од брановите во галаксиите Персеј, видливи со рендгенски зраци, кои личат на тивки звуци. НАСА потоа го префрли звукот од својот оригинален регистар на оној што луѓето можат да го слушнат – што е за 144 и 288 квадрилиони повисоки фреквенции од оригиналот. НАСА првпат го објави аудиото во мај, но објавувањето во понеделникот предизвика бурни реакции.
„Ова е кул и многу, многу морничаво“, напиша водителот на Си-Ен-Ен Џим Счиуто на Твитер.
Твитер профилот за подкастот BlindBoy објави дека црната дупка звучи како „милијарди души во маки“, а канадската актерка Елизабет Боуен го спореди звукот со „онаа сцена во филмот кога некој ќе наиде на сатанистички култ среде шумата. .
„Сите зборуваат за тоа колку е ова морничаво, но најстрашно ми е како звукот едноставно престанува“, вели астрономскиот блогер Фил Плаит.
Кога првпат ја објави снимката, НАСА сподели и малку попријатна сонификација на звуците од М87, црната дупка чија фотографија – првата црна дупка досега – беше објавена од проектот телескоп Event Horizon уште во 2019 година.
Тој звук доаѓа и од податоците од телескопот Чандра, но вклучува и аудио интерпретации од телескопот Хабл и радио бранови од астрономскиот проект АЛМА во Чиле. Таквата комбинација бараше повеќе креативност отколку едноставно прилагодување на фреквенцијата, а НАСА ја претвори во прекрасна музика.
Најгласниот дел од звуците од М87 одговара на најсветлиот дел од фотографијата – токму таму каде што е црната дупка.