More

    Народна банка апелира до политичарите да бидат претпазливи

    spot_img

    Високите цени на енергенсите и храната и неизвесноста што се најавува за следниот период дополнително ја подгреваат инфлацијата. Најновите податоци за инфлацијата на Народната банка покажуваат просечна инфлација од 10,9 проценти во периодот јануари – јули, при што три четвртини од овој раст се објаснува со растечките цени на храната и на енергијата. Државниот завод за статистика, пак, пресмета дека во јули трошоците на живот пораснале за 16 отсто, а цените на мало пораснале за 14 отсто.

    Граѓаните и синдикатите негодуваат дека просечната плата веќе не ги покрива месечните основни трошоци, а и бизнисите веќе ги чувствуваат последиците од бранот висока инфлација во Европа каде што најмногу извезуваат. Владата најави антикризни мерки со кои ќе им помогне на најзагрозените категории граѓани. Експертите, пак, сметаат дека треба да се менаџира оваа состојба.

    Народната банка денеска предупреди дека е потребно да се води претпазлива домашна политика. Банката, меѓутоа, оцени дека нема потреба од четврто зголемување на основната каматна стапка и ја остави на ниво од 2,5 отсто.

    – Динамиката на инфлацијата и натаму главно е одраз на фактори на страната на понудата, односно на порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична енергија, која е под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија. Сепак, со оглед на долготрајноста на овие трендови, ваквите притисоци брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, што упатува на потребата од водење претпазливи домашни политики. Сепак, месечната промена на потрошувачките цени покажува одредено забавување, а голем дел од месечниот раст се должи и на донесената одлука за промени во регулираната цена на електричната енергија. Воедно, годишната динамика на базичната инфлација остана стабилна – велат од Народната банка.

    Во последниот квартален извештај објавен во мај, Народна банка предвиде инфлација од 8,8 отсто за годинава, при раст на економијата од 2,9 отсто и нејзино стабилизирање на 3 отсто во 2023 година, за кога се предвидува раст не економијата од 3,6 отсто.

    Бизнисмените веќе ја чувствуваат високата стапка на инфлација која влијае на нивното финансиско работење. Тие велат дека дневните промени на цените го парализираат нивното работење.

    – Стапката на инфлација е еден од основните економски показатели, којшто ја прикажува и промената на цените во една економија, односно растот на општото или просечното ниво на цени. Доколку се одржува ниска и стабилна инфлација, тоа може да биде предуслов за одржлив економски раст и отворање нови работни места. Спротивно на тоа, зголемените стапки на раст на цените исклучително негативно се одразуваат врз работата на деловните субјекти, зашто создаваат непредвидливост и неможност да се планираат деловните активности. Сега сме во ситуација кога на дневна основа имаме промени на цените, што целосно го парализира работењето, бидејќи ако денеска сме направиле некоја калкулација за понуда до нашиот деловен партнер, таа утре не е веќе актуелна бидејќи имаме промена во цените на инпутите што предизвикува директно финансиско засегање – велат од Сојузот на стопански комори.

    Според нив не може да се предвиди натамошниот тек на инфлацијата бидејќи промената на движењето на цените е предизвикана од надворешни фактори и специфични политичко-економски состојби.

    Очекувањата на граѓаните и синдикатите се дека станува се потешко со платите да се следи растот на цените, бидејќи високите цени веќе ги обезвреднија платите.

    – Износот од 18.000 денари, колку што изнесува минималната плата сега, има реална вредност од 15.120 денари, а износот на просечната нето-плата од 31.525 денари има реална вредност од 26.481 денари, со што значително е осиромашен македонскиот работник и граѓанин – велат од ССМ.

    Синдикатите бараат државата да реагира и да ги зголеми платите во јавниот сектор за процентот на раст на минималната плата (18 отсто).

    Според статистика граѓаните во јули, споредено со истиот месец лани, плаќале поскапа храна и пијалаци за 23 отсто. Лебот поскапел за 36 отсто, месото за 21 отсто, млекото, сирењето и јајцата поскапеле за повеќе од 23 проценти, маслото поскапело за речиси 52, додека зеленчукот поскапел за 23 отсто. Струјата поскапела за 20 отсто, гасот за 53 отсто, топлинската енергија поскапела за повеќе од 9 отсто.

    Граѓаните, пак, се гневни што со платите не можат да го следат секојдневното згоемување на цените.

    – Зборувате за цени на производи од вчера. Па тие податоци веќе се стари, бидејќи веќе денеска имаме нови цени на лебот и на другите продукти. Цените веќе го изедоа зголемувањето на мојата минимална плата. Но нема потреба да се жалам бидејќи никој нема да ме слушне, само би сакал некој политичар да се обиде да живее со ваква плата. Најавуваат некави мерки, но нив ги нема. И добро е да ги нема бидејќи ќе ги добијат тие на кои државата сака да им помогне, бидејќи условите ќе бидат скроени за нив – вели граѓанин.

    Експертите предупредуваат дека економијата се повеќе ќе биде на удар бидејќи е отворена и увозно зависна. Но за тој удар да не биде премногу силен, клучно е, велат, предизвиците да се менаџираат. Во овие услови, велат тие, фискалната политика има клучна улога, односно таа не смее да презема чекори на непродуктивни и неоправдани трошења, туку да презема мерки да им помогне на граѓаните кои не можат да ги издржат ценовните шокови.

    Според економистите, останува можноста за реакција на Народната банка која веќе неколкупати ја искористи можноста за зголемување на основната каматна стапка за смирување на растот на цените. Добар потег е и одржувањето стабилност на девизниот курс на денарот.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img