„Зборуваат ли за мене, дали јас сум кралот на мрежите?“.
Вака ги прашувал 13-годишниот Коста К. психолозите и социјалните работници на Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и младинци, каде што е сместен откако уби осум соученици, чувар, а ја рани наставничката по историја и шест соученици, пренесува Мондо.
Според еден извор од клиниката, Коста К. воопшто не се интересира за жртвите, туку единствено за популарноста.
– Тој е во состојба на возбуда, сѐ уште е целосно несвесен што направил – вели соговорникот.
Момчето е под будното око на персоналот. По пристигнувањето бил на разговор од лекарски совет, а претходните денови му биле извршени прегледи.
Масакрот во Врачар и масакрот во Младеновац кои се случија во рок од 48 часа ја завија Србија во црно.
Во случајот со 21-годишниот Урош Б. Кој во местото Дубона кај Младеновац со автоматска пушка застрела 8 луѓе, а рани 14, мотивите за убивањата уште не се докрај јасни. По апсењето, Урош изјавил дека крвавиот пир го извршил поради „омаловажување“.
Според една верзија на приказната, на масакрот му претходел разговор на Урош со мештани од селото во кој тие зборувале за масакрот во Врачар кој се случил претходниот ден.
Во расправијата Урош Б. застанал на страната на 13-годишниот Коста К., оправдувајќи го. Кога наишол на негативни реакции од луѓето со кои разговорал, влегол во автомобилот и си заминал, за потоа да се врати со автоматска пушка.