Руското Министерство за одбрана соопшти дека Украина во вторникот ја нападнала Москва со беспилотни летала, поради што биле пренасочени летовите од меѓународниот аеродром Внуково, јавува Би-би-си.
Пет беспилотни летала наводно биле користени во нападот во вторникот, чија цел биле локации во поширокиот регион околу руската престолнина.
Министерството соопшти дека сите беспилотни летала се соборени и дека нема жртви или штети. Украина не ја презеде одговорноста за нападот.
Ограничувањата на аеродромот Внуково, еден од трите меѓународни аеродроми во Москва, сега се укинати. Нападот влијаеше на летовите од Турција, Обединетите Арапски Емирати и Египет.
Руската новинска агенција ТАСС пишува дека Внуково ги прекина летовите речиси три часа и дека вкупно 16 летови се пренасочени кон други московски аеродроми чија работа не била загрозена.
Руското Министерство соопшти дека четири дронови биле соборени од противвоздушна одбрана, а петтиот е стопиран по електронски пат, пишува Би-Би-Си.
„Обидот на режимот во Киев да нападне зона во која се наоѓа цивилна инфраструктура, вклучително и аеродром кој прима меѓународни летови, е нов терористички чин“, рече портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова на Телеграм.
Телеграмскиот канал Шот јавува дека остатоците од еден од дронови паднале врз зграда во селото Кривошеино, предизвикувајќи пожар. Руските државни медиуми пишуваат дека едно беспилотно летало паднало на воена територија во Кубинка, на околу 36 километри од Внуково.