Силните воздушни и поморски напади на британските и американските сили против бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран, се пресметана ескалација чија цел е да ги одврати заканите во Црвеното Море, но сепак може да предизвика регионална војна, предупредуваат воените аналитичари. Клучното прашање е како исламистичките милитанти во Јемен ќе одговорат на нападите, но и како ќе реагира нивниот главен спонзор Техеран.
Хутите веднаш по почетокот на нападот најавија дека ќе возвратат на американските и британските воени бродови во Црвеното Море. Секој голем контранапад може да ги турне западните сојузници во директна конфронтација со Иран, нешто што двете страни рекоа дека сакаат да го избегнат.
Сепак, факт е дека ова е веќе најголемата ескалација на насилството во регионот откако Израел ја започна својата војна против Хамас во Газа како одговор на терористичкиот напад на 7 октомври. Дополнително, нападот врз Хутите значително го зголемува ризикот од погрешна пресметка, што може да доведе до неконтролирана ескалација, наведува Sky News во анализа на ситуацијата.
Британскиот премиер Риши Сунак ја опиша синоќешната интервенција како „ограничена, неопходна и пропорционална акција за самоодбрана“.
Во него учествуваа четири авиони на британските кралски воздухопловни сили Тајфун, заедно со американски воени авиони, воени бродови и подморница, и истрелаа проектили и бомби со прецизно наведување. Поддршка понудија и Австралија, Бахреин, Канада и Холандија.
Велика Британија соопшти дека нејзиниот авион користел бомби Paveway IV против два објекти на Хутите. Една на локација во северозападен Јемен, наречена Бани, која била користена за лансирање на извидувачки и нападни беспилотни летала, додека другата, на аеродромот во Абас што била користена за лансирање крстосувачки ракети и беспилотни летала над Црвеното Море, се вели во соопштението на Британското Министерство за одбрана.
„На аеродромот нашиот авион идентификуваше и нападна неколку клучни цели“ – се вели во соопштението. Американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека ќе следат уште напади доколку продолжат заканите за глобалниот поморски сообраќај.
– Нема да се двоумам да насочам дополнителни мерки за заштита на нашите луѓе и слободниот проток на меѓународната трговија доколку е потребно – рече Бајден.
Ноќниот напад врз Јемен е посочен како неизбежен откако Хутите, кои контролираат голем дел од земјата, го игнорираа предупредувањето од 3 јануари издадено од В.Британија, САД и 12 други земји да престанат да ги напаѓаат комерцијалните бродови во Црвеното Море.
Исламистичката милитантна група, вооружена од Иран, почна да ги напаѓа бродовите наводно поврзани со Израел во октомври, во знак на протест против војната во Газа, ветувајќи дека ќе продолжи да го попречува поморскиот сообраќај додека не заврши конфликтот.
Тие го започнаа својот најголем напад со проектили и беспилотни летала досега, само неколку дена по ултиматумот за прекин на огнот. Ваквиот потег на Хутите би значел дека без силен одговор, коалицијата на сојузници предводена од САД ќе изгледа слаба, а нивните закани се бесмислени.
Вашингтон научи колку е опасно да му се дозволи на непријателот да ја премине црвената линија, а потоа да не се натера да ја плати цената, откако претседателот Барак Обама ја отфрли воената интервенција врз Сирија, откако нејзиниот лидер Башар ал Асад употреби хемиско оружје против својот народ во 2013 година.
Наместо тоа, Русија дополнително ги мобилизираше своите воени сили за поддршка на претседателот Башар ал Асад, зголемувајќи ги неговите напори да го задуши внатрешното востание. Сирискиот диктатор остана на власт, а Москва го зголеми своето влијание и присуството во регионот.
Без оглед на тоа, одлуката на Западот да нападне регион кој веќе е на работ на поширок конфликт среде израелската војна во Газа е чин со висок ризик. Ако Хутите и нивните поддржувачи, првенствено Иран, бидат погодени премногу силно, тие би биле принудени да возвратат позначително.
Од друга страна, доколку интервенцијата не е доволно силна, нема да успее доволно да ја деградира воената способност на Хутите и нема да спречи понатамошни напади на комерцијални бродови. Сето тоа заедно иницираше воена интервенција на западните сили што пак отвора опасност судирот да ескалира во нова регионална војна.