Русија и САД дискутираат околу можноста за одржување на разговори за стратешкото нуклеарно оружје за прв пат откако Москва ја нападна Украина, пишува рускиот весник Комерсант, цитирајќи најмалку три извори запознаени со дискусиите, пренесува Гардијан.
Разговорите меѓу двете страни за стратешката стабилност беа замрзнати откако Русија ја почна својата воена кампања во Украина во февруари, иако останува во сила Новиот договор за намалување и ограничување на стратешкото оружје.
Блискиот исток и далечните преговори
Комерсант дознава дека Русија и САД разговараат за можноста за одржување на состанок на билатерална консултативна комисија за Договорот за стратешко офанзивно оружје во наредните недели. За прв пат страните го сметаат регионот на Блискиот Исток како место за негово одржување. Тоа е затоа што Москва повеќе не ја гледа Швајцарија како неутрална земја по санкциите што Женева ги воведе.
Вакви средби лице в лице нема веќе една година, а страните имаат акумулирано прашања меѓу себе: од гаранции за неможноста за обратна конверзија на американските бомбардери и фрлачи на балистички ракети до продолжување на инспекциите прекинати од Руската Федерација, пишува рускиот весник.
Американците се свесни со кого си имаат работа
Според извори за Комерсант, првата средба може да биде закажана за крајот на ноември или почетокот на декември. Инаку, Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан потврди дека каналите за комуникација меѓу Вашингтон и Москва се отворени и покрај војната во Украина.
За време на своето обраќање во Њујорк, Саливан рече дека е во интерес на САД да одржуваат контакт со Кремљ, истакнувајќи дека американските власти „се свесни со кого имаат работа“, пренесува Би-Би-Си.
Саливан зборувал со Патрушев, но не за Украина?
Неговата изјава уследи по написот на Волстрит журнал во кој се вели дека Саливан разговарал со руски официјални претставници за да ги намали ризиците војната во Украина да ескалира во нуклеарен конфликт. Исто така, се наведува дека Саливан бил во контакт со советникот за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин, Јуриј Ушаков и секретарот на рускиот совет за безбедност Николај Патрушев, но дека темата на разговорот не биле начините за ставање крај на украинскиот конфликт.
Белата куќа не соопшти јавно за некакви разговори меѓу Саливан и висок руски функционер од март, кога американскиот советник за национална безбедност разговараше со Патрушев.