„Здружението на потомци на бегалци и имигранти од територијата на Република Северна Македонија и пријатели“, блиско до официјална Софија, упати барање до Конгресот на САД да ја отфрли Нацрт-резолуцијата S.Res.311 поднесена во Конгресот на 26. јули годинава од страна на сенаторот Мајк Браун, со која се предлага септември 2023 година да биде прогласен за „Месец на македонско-американското наследство“, во кој ќе се слави јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивните придонеси за САД.
Поднесувањето на нацрт-резолуцијата е плод на соработката на конгресменот Мајк Браун и огранизацијата Обединета македонска дијаспора со седиште во Вашингтон.
Во своето барање „Здружението на бегалци и имигранти…“ ги изнесува добропознатите пропагандни тези за непостоење на македонскиот народ, јазик и следствено, македонска емиграција во САД, и ги обвинува подносителите за „фалсификати и манипулации, поврзани со минатото на географскиот регион Македонија“. Уште се вели дека Резолуцијата содржи и „докажливи лаги и е пример за уште една кражба на туѓо социо-културно наследство“.
„Концепцијата за постоење на етнички Македонци е разработена во Србија во текот на втората половина на 19 век и нејзина основна цел е да послужи како претходна етапа кон денационализацијата на македонските Бугари и нивно постепено доближување кон Белград. Меѓутоа, таа идеја почнува да стекнува популарност едвај во 30-тите години на 20 век, кога во 1934 година во Москва е донесена специјална резолуција на Коминтерната, со која за првпат во историјата се зборува за постоењето на посебна македонска нација и македонски јазик. Во пракса, тие идеи започнуваат насилно да се наметнуваат по 1944 година кога во Југославија, врз основа на локалните бугарски говори се создава нов пишуван македонски јазик, напишан на модифицирана српска азбука со вештачко вметнување на србизми во него“ – се вели меѓудругото во барањето да се отфрли Нацрт-резолуција за прогласување на „Месец на македонско-американското наследство“ .
„Во 1960 г. бројот на Канаѓани и Американци со потекло од геогарфската област Македонија е меѓу 50.000 и 75.000 лица, од кои над 90% се Бугари. Во „Харвардската енциклопедија на етничките групи во Америка“, издадена во 1980 година, читаме дека „до Втората светска војна речиси сите од нив (имигрантите од Македонија во Америка, б.н.) се сметаат за Бугари и се идентификуваат како Бугари или македонски Бугари. Но, во последно време сето тоа почнува да се менува, иако се уште околу 50.000 Македонци се идентификуваат како Бугари и македонски Бугари““ – наведуваа Здружението, подносител на барањето Конгресот да ја отфрли резолуцијата на конгресменот Браун.
Ова писмо е објавено интегрално во бугарски „Труд“ на 31 август годинава. Со него, меѓудругото, остро се напаѓа идејата за Отворен Балкан.
„Таа перспектива денес се манифестира во целосно налагање на идејата Македонија да биде дел од српскиот проект „Отворен Балкан“, откако со помош на Кина се гради единствено комуникациска инфраструктрура на север кон Србија. Како резултат на сето тоа, денес политичкиот систем во Скопје функционира во услови на се позголемена зависност и тотална контрола од Србија.
Тука изнесените факти едвај биле земени предвид кога е поднесена резолуцијата S.Res.311. Сметаме дека тимот на сенаторот Мајк Браун бил доведен во заблуда од т.н. Обединета македонска дијаспора-организација со седиште во Вашингтон, формирана со помош на властите во Скопје, кои одамна настојуваат да го игнорираат придонесот на македонските Бугари, имигрирани во Америка пред Втората светска војна. Тие исто така спаѓаат во групата македоно-американи, но нивниот придонес и на тие родените во Америка нивни потомци, не само што не се зима предвид, туку се краде со тоа што се прогласува за небугарски“ – се вели во писмото на здружението на Бугарите од САД до Конгресот, објавено во „Труд“.
На крајот ова Здржение ги открива и своите крајни мотиви за „национално обединување“:
„Со оглед на изнесените факти апелираме проект-резолуцијата S.Res.311 да биде отфрлена поради содржаните во неа фалсификати и манипулации, со што се навредува бугарскиот народ и се отвора пат за дестабилизација на Централниот Балкан. Апелираме меѓународната демократска заедница за ги поддржи демократските средини во Македонија, да создаде независни од Белград демократски медиуми во кои слободно и без предрасуди ќе може да се разгледуваат прашања поврзани со минатото, сегашноста и иднината на Скопје, за да се прекинат наследените од минатото злобни југословенски тоталитарни практики и на крај да се постигне национално помирување“ – се вели во писмото.
Неодамна и вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија Марија Габриел најави дипломатска офанзива против предлог-резолуцијата на американскиот сенатор Мајк Браун за прогласување на месец септември за „Месец на македонско-американското наследство“. Засега нема информации кога треба да се случи гласањето за оваа иницијатива во американскиот конгрес, дали таа е веќе отфрлена, ниту пак има реакција од македонското МНР за напорите на Бугарија да ја саботира.