Во последните десет години за цели 5,3 отсто се зголемил бројот на лица постари од 65 години во Македонија. Со тоа, сме станале први во Европа по брзината на стареење за изминатата деценија, вели новото истражување на Евростат.
Има и добра вест. Тоа е дека, ако ја занемариме брзината на стареење, а се изброи колку вакви лица имаме, Македонија и понатаму е меѓу земјите кои имаат најмал удел на стари лица.
Изминатата 2022 година 17,1 отсто од населението во земјата било старо над 65 години, споредено со 2012 кога процентот бил само 11,8. Меѓутоа, денешените 17,1 отсто во Македонија се далеку под европскиот просек од 21,1%, што би се рекло – просечно во Европа секој петти жител е старец.
Бројки слични со Македонија имаат и нашите соседи.
„Помлади од нас“, односно земји со помалку лица над 65 години се само Луксембург (14,8%), Ирска (15%), Албанија (15,7%), Црна Гора (16%) и Кипар (16,5%).
Италија (23,8%) и Португалија (23,7%) имаат најголем процент на население над 65 години.
Проекциите за популацијата на Евростат ги користи Европската комисија за да анализира како ова ќе влијае на пензиите, здравството и други социјални фактори во ЕУ.