Финска седма година по ред го обезбеди првото место меѓу најсреќните земји во светот, се вели во извештајот на Мрежата за решенија за одржлив развој под покровителство на ОН.
Просечната оценка за таа нордиска земја е 7,7, а потоа следат Данска, Исланд и Шведска. На другиот крај од скалата е Авганистан, кој среде хуманитарна катастрофа по враќањето на талибанците на власт во 2020 година го зазеде последното место од 143 земји со оценка 1,7.
За прв пат по повеќе од 10 години, САД и Германија не се меѓу првите 20 најсреќни нации, паѓајќи на 23-то и 24-то место. Франција се најде на 27 место.
Во топ 20 се најдоа Костарика и Кувајт, кои ги зазедоа дванаесеттото и тринаесеттото место, а ниту една од најнаселените земји во светот не е меѓу првите 20 земји.
„Меѓу првите десет, само Холандија и Австралија имаат повеќе од 15 милиони жители, а меѓу првите дваесет само Канада и Велика Британија имаат повеќе од 30 милиони“, се наведува во извештајот.
Најголем пад на индексот на среќата од 2006 до 2010 година има Авганистан, Либан и Јордан, додека најголем раст е забележан во Србија, Бугарија и Латвија.
Годишниот извештај на Светскиот индекс на среќа, кој беше лансиран во 2012 година како поддршка на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, се заснова на податоци од американската компанија за истражување на пазарот Галуп и е објавен од Мрежата за решенија за одржлив развој на Обединетите нации. Се заснова на проценката на луѓето за нивната среќа, како и податоци за економските и социјалните услови.
Од жителите на 143 земји и региони се бара да го оценат своето задоволство од животот на скала од нула до 10. Извештајот, исто така, зема предвид шест клучни фактори: социјална поддршка, личен доход, здравје, слобода, дарежливост и отсуство на корупција.
Тампере Финска Шатерсток
Општо кажано, рангирањето е слабо поврзано со просперитетот на една земја, но други фактори како што се очекуваниот животен век, социјалните врски, личната слобода и корупцијата, исто така, се чини дека влијаат на проценките на поединците.
Близината до природата и добрата рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот се клучот за среќата за Финците, изјави за Франс прес Џенифер Де Паола, истражувач специјализиран за оваа тема од Универзитетот во Хелсинки.
Финците имаат различни приоритети кога станува збор за концептот за успешен живот, во споредба со, на пример, САД каде успехот често се поврзува со финансиска добивка, додава Де Паола.
Довербата во институциите, ниското ниво на корупција и слободниот пристап до здравството и образованието се исто така важни. Де Паола истакнува дека „финското општество е проткаено со чувство на доверба, слобода и високо ниво на автономија“.
Годишниот извештај исто така нагласува посилно чувство на среќа кај помладите генерации отколку постарите генерации во повеќето региони и земји.
Индексот на среќа значително падна од 2006 до 2010 година кај луѓето под 30 години кои живеат во Северна Америка, Австралија и Нов Зеланд и сега е понизок отколку кај постарите луѓе во истите области.
Но, во исто време се зголеми во сите возрасни групи во источноевропските земји. Словенија, Чешка и Литванија се меѓу првите 20 земји. Јазот помеѓу генерациите се продлабочи насекаде во светот, освен во Европа, што авторите на извештајот го сметаат за „загрижувачки“.