Најмногу директни летови се реализирани за Германија, Турција и за Швајцарија

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, со кои управува ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, бележат 33% раст во патничкиот сообраќај во 2023 година, споредено со 2022 година, додека споредено со истиот период во 2019 година, порастот е 18%.

Од ТАВ Аеродроми денеска соопштија дека Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, ја завршиле 2023 година со значително закрепнување на патничкиот авиосообраќај, со што достигнале приближно 3,15 милиони патници и биле опслужени 23.949 летови.

Од компанијата велат дека вкупниот број на патници, 3.149.274, постигнат во 2023 година е значајна пресвртница за двата македонски аеродрома, а значи и две истовремени достигнувања – надминување на рекордниот број на патници од 2019 година од речиси 2,7 милиони патници и првпат опслужени се и над 3 милиони патници на двата аеродрома.

Најфреквентни дестинации од скопскиот аеродром,  според статистиката за патничкиот авиосообраќај на ТАВ Македонија, за 2023 година, биле Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 10,9% пазарен удел), Базел Милуз (6,4%), Цирих (5,4%), Франкфурт (4,7%), Дортмунд (4,5%), Виена (4,4 %), Минхен Меминген (4,3%), Анталија (3,2%), Хамбург и Келн (по 2,7%).

Топ пет земји со директни летови за 2023 година биле Германија (28,3% пазарен удел), Турција (16,1%), Швајцарија (13,4%), Шведска (6,5%) и Италија (6,4%).

Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај во 2023 година на скопскиот аеродром, Wizz Air има превезено најголем број патници во 2023 година (61,8% пазарен удел), потоа следат Turkish Airlines (7%), Pegasus Airlines (6,2%), Austrian Airlines (4,4 %) и Chair Airlines (3,7%).

На охридскиот аеродром, во 2023 година, најфреквентна дестинација за патување била Базел (21,5% пазарен удел), потоа Виена (21%), Дортмунд (16,4%), Меминген (11,9%), Малме (9,4%), Цирих (9,3%), Амстердам (8,8%), а останатите дестинации се со пазарен удел од 0,5%.

Од скопскиот аеродром оперираат 13  авиокомпании (Aegean Airlines, Air Serbia, Austrian Airlines, Chair Airlines, Croatia Airlines, Easyjet, Edelweiss, LOT Polish Airlines, Lufthansa, Pegasus Airlines, SunExpress, Turkish Airlines, Wizz Air) и сообраќаат до 42 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, 3 авиокомпании (Chair Airlines, Edelweiss, Wizz Air) сообраќаат до 4 дестинации.

Share This Article