Во Киев повторно се слушаат сирени за воздушен напад, објави на Твитер новинарот Или Пономаренко од весникот „Киев индипендант”.
Руските сили утрово во координиран ракетен напад погодија неколку украински региони, вклучително и градовите Киев, Лавов и Харков. Во овие напади досега најмалку десет луѓе загинаа, а приближно 60 се повредени, соопшти украинската полиција.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги нарече „ужасни и неселективни” ракетните напади на Русија врз цивилни мети во Украина.
Столтенберг информираше дека разговарал со украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба и ветил континуирана поддршка на НАТО за Украина против руската агресија, „колку и да биде потребно”.
Во меѓувреме украинското воено разузнавање соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин денешниот напад го наредил на почетокот од месецот.
– На 2 и 3 октомври, руските окупациски сили добија наредба од Кремљ да подготват масовни ракетни напади врз украинската цивилна инфраструктура. Воените единици за стратешки и воздушни напади со долг дострел добија наредба да подготвуваат напади. Критичните цивилни инфраструктурни објекти и централните делови на густонаселените украински градови се идентификувани како цели, се посочува во соопштението на украинското воено разузнавање.
Претходно Путин изјави дека денешните напади врз Украина се извршени како одмазда за „терористичките напади на руска територија”, алудирајќи на нападот врз мостот на Крим.
Москва тврди дека цели на нападот биле воена, енергетска и комуникациска инфраструктура, но фотографиите и извештаите од местото на настанот покажуваат дека ракетите погодиле и станбени згради.