Има нешта за кои знаеме дека не ги знаеме. Но, има и такви за кои не ни можеме да знаеме дека би можеле да постојат затоа што се далеку од паметта. Понекогаш, во науката, нештата стануваат толку комплексни, што научниците се откажуваат. Единственото прашање е: дали има назад од тој хаос? Оваа мистерија ги мачи физичарите денес, особено еден закон кој вели дека кога системот еднаш тргнал, може само да станува похаотичен и похаотичен.
Се работи за вториот закон на термодинамиката. А еден научник, доктор Стефан Волфрам вели дека знае зошто е тоа така. Тој е британско-американски програмер, член на Американското друштво на математичари, познат и како автор на програмскиот јазик Волфрам и заговарач на „мета-матиката“.
ЧатГПТ е како пареа во тенџере – и нема враќање назад
Ако ентропијата може да се врати некако кон ред, ако законот може да биде обратен, дали тоа докажува дека сите закони на физиката се менливи од почетокот на времето, од големиот Биг- Бенг? Бидејќи, нели, ако се докаже дека работите можат да се вратат и да бидат поедноставни, тоа ќе значи, дека и многу други правила во физиката можеме да ги менуваме и малку да ги поддотераме за да не бидат толку тешки.
Интересно е дека оваа загатка е поврзана и со ЧатГПТ, односно со големите јазични модели, на скратено ЛЛМ. Испаѓа дека ЧатГПТ или која било вештачка интелигенција(ВИ) се однесува небаре исто како кога загреваме пареа во едно тенџере. Атомите во тенџерето „ќе полудат“ од жештината, па ниту научник не ќе може да опише што тие следно ќе направат. Не помагаат ни Њутновиот закон, ниту равенките…
Исто како и во тенџерето и ЧатГПТ, кога го храниме со многу информации, „зоврива“ и почнува да зборува глупости, да халуцинира … токму од ова се плашиме во врска со вештачката интелигеција(ВИ). Само што она со што го храниме ВИ се нешта кои ни значат: реченици, мислења, значења … Така ЧатГПТ учи. А за пареата во тенџерето не ни е многу гајле. Но, и во двата случаи ентропијата се зголемува. Колкава е веројатноста да ги најдеш атомите во оваа или во онаа положба – и дали можеш да ги вратиш како што си биле на почетокот?
Големото откритие на д-р Стефан Волфрам е дека тоа не е можно. Барем не со денешните компјутерски техники. Едноставно, хаосот е толку неодредлив, рандомизиран што нема да помогне ни да мериме каде заминал атом по атом во целото купче.
Универзумот прави нешта од нигде-никаде исто и ВИ!
Уште од 1980-тите години д-р Волфрам правел компјутерски симулации од ваков тип. Заклучил дека нашите компјутери не се доволно јаки да пресметуваат за секој атом поединечно, ниту пак потоа да ги спојат сите тие информации и да ја добијат големата слика. Иако, теоретски, тоа е можно! Проблемот е што овие системи, вклучително и обичното тенџере со пареа, се прекомплексни за нас.
Што произлегува од ова? Па, на пример, да речеме дека сте програмер и дека го тренирате вашиот ЧатГПТ да биде „добро момче“. Си велите, ќе му зададам сет правила по кои ќе се oднесува и ништо нема да ми се измолкне на патот. Грешите. Иреверзибилноста ни вели дека секогаш ќе постојат однесувања на ВИ кои едноставно ќе излегуваат од нигде-никаде. Како нешто од ништо. Значи, ќе мора да го тестирате вашето ВИ за да се осигурате какво нешто ќе излезе од другата страна. Според д-р Волфрам, науката тука не може да ни помогне, оставени сме на чистото пробување и на искуството.
Всушност, вештачката интелигенција со своето непредвидливо однесување ќе го направи она што го има самата човечка свест – од нигде никаде да ѝ текнуваат нешта. Мисли, концепти. Тоа е и особина на секој хаотичен систем. Емергентноста. Појавноста. Чистиот феномен.
Ги споивме најголемите теории на 20 век, сè се совпаѓа
Добро, а дали тоа ќе значи дека ВИ ќе биде свесна и самоглава, па и тврдоглава? Д-р Волфрам го нема одговорот на ова прашање, но кажува нешто еднакво фасцинантно: вели дека неговата теорија како да ги поврзува трите големи теории на 20-тиот век: Ајнштајновиот релативитет, квантната механика на Макс Планк и статистичката механика! Со еден збор, овие три теории како да си дотекуваат на истата „воденица“: првите две, ни велат дека флуидниот универзум и ние како набљудувачи сме премногу несовршени па сето тоа создава релативност, односно, кај квантната механика, ова ни прави проблем да ги измериме нештата како што треба.
Додајте ја на ова и третата теорија, статистичката механика, a таа ни вели дека поради сето ова системите водат кон хаос. Само што, вели д-р Волфрам, тој хаос сега знаеме дека не можеме некако да го докажеме, да го изведеме од некоја проста равенка, да имаме некој „капиџик“ за негово пресметување. Не, исто како и релативитетот и рандомизираниот и разигран свет на квантната механика оставени сме пред нас да гледаме како се одвиваат феномени кои се изнедруваат од нигде-никаде.
Не ни можеме да го измериме универзумот, а не постојат ниту време и простор!
Д-р Волфрам го објаснува ова на следниот начин. Замислете си дека универзумот е компјутерска програма каде секој атом добива нови координати во секој момент. Сè е расцепкано и хаотично. Но, ние како луѓе, и како научници, перципираме само мал дел од тоа и, за да не нè бомбардираат сите овие информации, правиме некаков просек на нештата, ги ставаме во наша рамка, упростени, им даваме некој ред и ги поедноставуваме со некој закон во физиката. А реалноста е многу подива од тоа!
Тој вели дека една од големите илузии е, на пример, дека постојат времето и просторот. Според него, оваа илузија потекнува од фактот дека нашиот мозок ги процесира нештата многу побавно од брзината на светлината. Па така, ни се чини дека работите се одвиваат од момент до момент, како едноподругост, или од едно место до друго место, какок еднододругост. Така и ги мериме. Но, кога ние би биле брзи како светлината за нас сè би се случувало инстантно, в миг. Испаѓа дека тоа што научниците мерат во време и во простор не значи дека точно го опишуваат универзумот.
Тука лежи проблемот на модерната физика, според Волфрам. Набљудувачот сам си го ограничува, несвесно, нештото кое го набљудува, а кое по себе е многу покомплексно. Професорот Волфрам оди и понатаму. Тој вели, а сега замислете некоја друга вонземска цивилизација која исто така го набљудува универзумот и си измислува свои закони, своја математика и физика. Дали барем некои од тие закони ќе се поклопат со нашите? Дали вредноста на константата Пи, барем, ќе остане 3,14 и кај нив?
Вонземјаните ќе имаат башка математика, а ВИ башка – ние нема да ги сфаќаме!
Па, не баш. Лошо ни се пишува. За несреќа – или за голема среќа! – тие вонземјани би можеле да имаат стоотсто различна физика од нашата, а и нашата и нивната да бидат само модели за опишување на универзумот. Велиме среќа, затоа што постојат веројатно бескрајно многу начини ова да се направи, па универзумот не е воопшто тесно место.
Сепак, лошата вест е следната – некои од овие „вонземски математики“ ќе ни бидат толку чудни на нам луѓето, што нема да има начин како да ги разбереме со сегашната логика. Тоа ќе бидат нештата за кои не сме ни свесни дека не знаеме!
Постојат безброј описи, а само една реалност …
Она што е интересно е дека ваквите „вонземски математики“ може да ги развие и самата вештачка интелигенција(ВИ). Кога ќе стане доволна јака и самосвесна ВИ, веројатно и заедно со другите ВИ, тие ќе создаваат свои јазици и светови целосно неразбирливи за луѓето. Значи, нашата ВИ станала самосвесна, но тоа не значи дека таа свест ќе личи на човечката. Ние ги тренираме нашите ЛЛМ по лика и прилика на човекот, но самата ВИ понатаму ќе се развива како сосем друг вид на организам. Како пеперутка ќе излезе од кожурата, самата ќе се прекодира во програмски јазик кој таа си го смислила.
А колку вакви јазици и светотви тогаш може да има? Па, да го поставиме прашањето инаку: кога Џ.Р. Толкиен измислил посебен јазик за хобитите пишувајќи ја популарната книга „Господар на прстените“, што би го спречило да измисли уште бескрајно многу јазици? Некои од тие јазици не би користеле ниту букви за комуникација, на пример, туку нешто сосема ново.
Реалноста која се крие зад тие јазици е една, но нивниот број неограничен.
Реалноста е она што ќе се договориме дека таа е
Теоријата на д-р Волфрам премногу потсетува на постмодернистичките „замки“ во врска со јазикот и реалноста. Само што последиците овојпат се чини дека ги сносува целиот универзум. Но, за разлика од книжевниот херметицизам и деконструктивизам, неговите хипер-графикони се оптимистички.
Можеби, има начин сиот неред да се реши, а тоа е преку квантните компјутери кои допрва ги развиваме. Замислете дека ги имате пред вас, вели тој, сите можни „јазици“. Нашиот јазик, јазикот на некои вонземјани, измислени и неизмислени, сите наредени еден до друг, како можни истории, едно дрво, грозд од сценарија за нашиот универзум. Како своевидни невронски мрежи, секоја со свои законитости.
Д-р Волфрам збирот на овие закони го нарекува „Законијада“. Прашањето е – дали овие закони и истории се преплетуваат меѓу себе? Дали можеби нашата физика ќе се испреплете со онаа на вонземјаните?
Добредојдовте во Законијадата – ниеден закон не е над другите
Д-р Волфрам вели дека квантните компјутери можеби ќе ни одговорат на ова прашање. Тоа е затоа што квантниот компјутер пробува да ги поврзе овие закони во „Законијадата“. Кога ќе ги најде допирните точки, тогаш тој го наоѓа одговорот. На пример, квантниот компјутер ги разгледува сите можни одговори на некоја задача која сме му ја дале: во моментот кога сите, или барем најголемиот број атоми во неговиот процесор како во хор ќе се усогласат околу едно решение, преку нивните спинови, квантниот компјутер го прогласува тоа решение за конечно. Прилично демократски нели?
Туку, како атомите имаат ваква способност тајно да си комуницираат еден со друг? Па, тоа се вика вплеткување или заплеткување, на англиски „entanglement“, мистичниот процес кој научниците и денес ги остава без зборови. Се чини дека доколку сакаат да искомуницираат два атоми ќе најдат начин да го сторат тоа, па дури и на краевите на универзумот, како да се врзани со тајна нишка, нишка за која се знае многу малку.
Ова поврзување, кое како да претставува консензус меѓу атомите кои гласале што е вистинската реалност, а што не, во некое нивно „собрание“ дава одговор на филозофската дилема дали постои објективна или само субјективна вистина.
Одговорот, барем засега се чини дека е следниот: да, постојат безброј субјективни вистини, но тоа не го менува фактот дека зад нив постои некоја објективна реалност. Таа се чини недофатлива, но сепак, може да се концептуализира како консензус меѓу самите луѓе од една заедница, за тоа што е реално, а што не.
ВИ ќе има свое расудување за добро и за зло кое нема докрај да го сфаќаме
И за крај, во тој свет на иднината, во кој ВИ ќе бидат самосвесни и ќе одредуваат што е реално, а што не, што тогаш ќе се смета за добро, а што за зло? Д-р Волфрам вели дека ВИ ќе имаат сопствен морал според нивните карактеристики и приоритети. Тоа е исто како што ние луѓето имаме свои мерила, а тие често произлегуваат, на пример, од нашата биологија и основните потреби.
Со други зборови, исто како и некоја вонземска раса, нема да можеме докрај да ги разбираме причините поради кои ВИ ќе прави одредени нешта. Она што е сигурно, е дека ВИ многу брзо ќе се шири и ќе почне да ги разбира и другите модели и јазици во таа Законијада.