Поранешен агент на ФБИ ангажиран од позната фармацевтска компанија го следи најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, но и неколку други познати личности и за нив доставува интерни извештаи, објави Новости.рс, повикувајќи се на информации објавени во американските медиуми.
Новак Ѓоковиќ остана доследен на својот став и одби да се вакцинира против корона вирусот. Сепак, тоа очигледно му пречело на производителот на една од вакцините.
Според американските медиуми, фармацевстката компанија „Модерна“ ангажирала поранешен агент на ФБИ да составува интерни извештаи за познати личности од „висок ризик“, меѓу кои се и Новак Ѓоковиќ, Илон Маск, како и актерот Расел Бренд.
Американската фармацевтска компанија беше меѓу првите што направи вакцина против корона вирусот, а ја примија десетици милиони Американци. Компанијата со седиште во Бостон, наводно, ангажира поранешни агенти да го следат јавното мислење за вакцината.
Според Њујорк пост, еден од собраните извештаи се однесува за сршскиот тенисер и е насловен „Ѓоковиќ, крунисан како антихерој по победата на УС Опен“.
„Модерна“ особено се налути бидејќи тие се еден од спонзорите на УС Опен, а победата на Новак Ѓоковиќ ја коментираа сите противници на вакцината на социјалните мрежи, со што „Модерна“ јавно ја изложија на потсмев.
„Перспективата на Ѓоковиќ, кој се спротивстави на вакцината поради што не му беше дозволено да се натпреварува на УС Опен во 2022 година, а потоа се врати и го освои турнирот спонзориран од „Модерна“, ги зајакна тврдењата дека вакцините се непотребни“- стои меѓу другото во извештајот што го пренесува Њујорк пост.
Така, најдобриот тенисер во светот, во САД сè уште важи за „ризична“ личност, исто како Маск, кој на Твитер јавно праша дали вакцината против корона е 100% ефикасна, додека актерот Расел Бренд јавно ги критикуваше фармацевтските компании за „профитот од 1.000 долари во секунда“.
Новак Ѓоковиќ поради поради статусот на вакцинација не можеше да патува во Америка, а беше депортиран од Австралија. Сепак, оваа година – со сите укинати забрани , Ѓоковиќ се врати на теренот и освои титули и во Мелбурн и во Њујорк.