Жители од гостиварските села Долна и Горна Бањица на протестен собир, попладнево изразија незадоволство од добиените ветувања за барањата околу спроведувањето на планот за изградба на Коридорот 8. Тие предупредија и најавија целосно блокирање на работите на терен кои ги изведува „Бехтел и Енка“ од наредната недела, јави Гостиварпрес.мк.
Насир Асипи, на собирот во името на жителите овие две гостиварски села, појасни дека пред еден месец имале средби во владата со министрите Артан Груби, Благој Бочварски на која ги изнеле барањата.
– На состанокот им кажавме дека нашето основно барање се однесува на изградбата на камповите за сместување на работници. Тие да не бидат по трасата, бидејќи така дополнително ќе ни одземаат земја. Таков камп да се прави на просторот на старата касарна и воените магацини. Не сме против изградбата на патот и го поддржуваме проектот, но нема да даваме земја за други намени освен за патот – рече Асипи.
Тој посочи дека министрите им ветиле дека набрзо ќе добијат одговор, но како што рече никој повеќе од еден емсец не ги контактирал и го оцени како несериозен однос. Поради тоа селаните се принудени на порадикални мерки.
– Доколку до понеделник не добиеме позитивен одговор на нашето барање, ние ќе почнеме со блокади и целосно ќе ја стопираме работата на фирмите кои работат на коридорот во атарите на нашите села, потенцира Насир Асипи.
Жителите на Долна и Горна Бањица во неколку наврати со повеќечасовни блокади на локални регионални патишта изразуваа револт од начинот на кој се спроведува експропријацијата.
Проектот што автопатски треба да ги поврзе Гостивар и Кичево е предвидено да минува низ атарите на овие села како дел од Коридорот 8. Според првичните оценки треба да бидат одземени околу 600.000 квадратни метри земјиште.
фото: МИА