Oхриѓанецот Александар Ѓурчев се изјасни дека не се чувствува виновен на денешното рочиште во Основниот суд во Охрид во прекршочната постапка за истакнување на знамето со Сонцето од Кутлеш, според член 18 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
– Го почитувам знамето кое го истакнав. Тоа беше национално знаме на Македонија извесен период. Сите сме сведоци дека ова знаме може да го забележиме на бројни спортски натпревари и културни манифестации и дека е општоприфатено од голем број жители во државата. Немав намера да ги омаловажам државните симболи и да ја навредам државата. На местото каде го поставив знамето немаше во близина ниту едно друго знаме, не покрив ниту едно друго знаме, немаше пароли и натписи поставени од моја страна. Уште како дете, кога ме носел мојот дедо во црква, сум го гледал насекаде ова знаме за кое сум емотивно врзан – истакна Ѓурчев, јави Охридпрес.
Бранителот Тони Менкиноски во завршните зборови побара ослободителна пресуда за обвинетиот Ѓурчев.
Судијата Бојан Мартиноски рече дека постапката ќе се води во рамките на процесните и материјални закони.